Петар Печков
Објавено: понеделник, 27 февруари 2023
Традиционално на месноста Мегдан, првиот понеделник после Прочка, се одбележа „чист понеделник“.
Мештаните од овој дел на градот се собраа да се дружат и да ручаат од белиот грав. Годинава кум -домаќин на настанот беше Александар Ристов, кој живее и работи во Швајцарија во Цирих, но за оваа пригода дојде дома.
„Чистиот понеделник на Мегдан има долга традиција, ја започнал дедо ми Ѓорѓи Балкан. Секоја година има наследник, кум. Се пријавив за оваа година. Обврска ми беше да се обезбеди грав, мезе и пијалак за гостите. Родум сум од Мегдан и годинава мојата фамилија е трет пат домаќин и ми беше задоволство да бидам кум“ - кажа Александар.
Следната година кум ќе биде познатиот велешанец Трајче Папазов, кој ист така живее и работи во Швајцарија. За потсетување пред некоја година, кумот беше велешанец -мегданчаец кој живее и работи во Финска.
Годинава се подготви 70 кг грав за ручек. Од 2000 година него го подготвува Тодор Иванов. Нему му помагаше Диме калајџијата.
„Во гравот нема додатоци освен сува чушка, кромид, лукче, бибер. Јас го учев од старите, гледав како тие го подготвуваа, јас продолжувам додека можам“– вели Тодор Иванов.
Tweet |