Петар Печков
Објавено: петок, 15 мај 2020
Младиот велешки дипломиран економист, Ален Калач, родум од Црквино е годинешен добитник на наградата на Народната банка за млади истражувачи. Неговиот труд беше прогласен за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2020 година, на конкурсот распишан од НБМ. Трудот на Калач е „Унапредување на процесот на кредитна анализа кај банките преку употреба на методи од машинско учење“.
Трудот на Калач беше оценет со највисока просечна оценка, во согласност со критериумите од објавениот конкурс. Станува збор за труд што се одликува со актуелност, како и со релативно висока апликативна примена во контекст на секојдневните кредитни активности на банките.
Поконкретно, Калач го истражува прашањето за прецизна оцена на кредитниот ризик преку примена на методи од вештачката интелигенција, односно машинското учење.
Преку тестирање и споредување на перформансите на повеќе методи и модели, авторот дава конкретни заклучоци во поглед на користењето и прецизноста на секој од нив, како и конкретни препораки за нивна примена во рамки на процесите на кредитна анализа и оценување од страна на домашните банки - пишува во образложението за Годишната награда а на Нагрдната Банка на Македонија.
Народната банка ја доделува Годишната награда за млади истражувачи 14 години, со цел стимулирање на развојот на научната мисла во земјата и заради афирмација на младите стручни кадри. Конкурсот за годинешната Награда беше објавен кон средината на минатата. Право на учество на конкурсот имаат авторите од земјата на возраст до триесет и пет години, при што секој автор може да конкурира само со еден труд, којшто задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема.
Заради состојбата со пандемијата на ковид-19, оваа година, Народната банка не беше во можност да организира одделен настан на којшто би била врачена Годишната награда.
Ален Калач има 28 години и е вработен во Министерство за финансии. Има завршено Економски факултет при УКИМ во Скопје. Прв дипломирал во својата генерација а потоа и магистрирал.
инфо Народна Банка на Северна Македонија
Tweet |