Петар Печков
Објавено: четврток, 27 септември 2012
Четири странски и три домашни претстави ќе може да види публиката на вториот театарски фестивал Импакт. Следните пет дена тој ќе се одржува во Велес, на два простора, во театарот и во Ликовниот салон, каде ќе се играат т.н. камерни дела. Организаторот најавува програма која на публиката ќе и презентира европски изведувачки уметности, но и дебати на работилниците. Така треба да го одржи ланското ниво кое го доби со понудените содржини, по што се најде меѓу 20-те алтернативни театарски фестивали, кои се одржуваат во земјите од Југо- Источна Европа.
Потпишавме договор за соработка со Евро- Балкан Универзитетот. Освен што ќе имаме нивна претстава, ќе организираме работилници, презентации од страна на уметниците и теоретичарите кои ќе гостуваат на Фестивалот. Сакаме на студентската популација не само од овој факултет, да им дадеме можност, да отвориме критички дијалог во средината, што ни недостига. Очекувам искрења меѓу нашите автори, уметници, на овие дебати. Фестивалот Импакт е платформа на која што првенство се случува авантура, експеримент, базиран е на истражувања. Целта на фестивалот е да истражува, понуди нешто ново, не секојдневно, нестандардно, невообичаено – вели Александар Ивановски театарски режисер, директор на Импакт театарскиот фестивал.
Програмата на годинашниот фестивал ќе се одвива во пет дена. Отворањето е сабота со фестивалската премиера од сопствена продукција ,,Соочување, кон себе,, на Драгана Стојчевска студент на режија, која заедно со група млади студенти ја подготвија оваа претстава. Програмата на фестивалот ги нуди влијателниот и независен театар Арха од Прага – Чешка, Глеј,, театарот од Љубљана, современата танц групата ,,Талданс,, од Истанбул, потоа ,,Шејкит лаб,, од Шведска.
Од домашните продукции на Импакт фест во Велес доаѓаат перформансот ,,Најпосле крај,, на Александар Копања и ,,Конфузија,, во продукција на Евро Балкан Универзитетот од Скопје. За време на фестивалот во холот од театарот своја изложба ќе има бугарската уметничка Пепа Иванова. Импакт е финансиски помогнат од германската фондација за култура ,,Алијанс,, Општина Велес и технички од велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,,.
Tweet |