Петар Печков
Објавено: недела, 19 јануари 2014
Меѓу стоте велешани кои скокнаа во реката Вардар, годинава најумешен беше Ангелко Здравев (33 год). Тој втор пат скока, лани за прв пат а годинава имаше среќа и го фати крстот.
Имав дамнешна желба да скокам по крстот, се одлучив за прв пат лани. А еве веќе втората година и го фанав. Пресреќен сум. Посакувам здравје и среќа, бериќет на сите што ги знам и не ги познавам – рече Ангелко кој е вработен во Жито Вардар.
Од Повардарската Епархија тој доби златно крвче и Библија. Во следните 40 дена Здравев со крстот ќе ги посетува домовите на велешани а тие ќе го даруваат. Владиката Агатангел им посака мири и спокој за сите верници.
Ви посакувам добро здравје, добрини и убавини, среќа, мир и спокојство во Вашите души и срца, и домови. Почитувајте се со комшиите, пријателите, роднините.,подајте рака. Божјите заповеди велат да се почитуваме и сакаме – рече Владиката Агатангел Митрополит на Повардарската Епархија при МПЦ ОА.
Годинашен кум беше семејството Пепелашеви а за до година се пријави Орце Ристовски сопственик на градежната фирма Ива инжинеринг. Здравев од градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев доби ДВД а од ЈКП Дервен телевизор. Годинава за прв пат сите што скокнаа по крстот добија маички, кои беа донација од ординацијата на д-р Владо и Мартин Хаџинаумови и од аптеките Зегин.
Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден според верувањето Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството.
Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица).
Водици се празнува два дена. Првиот ден 19 јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Собор на Свети Јован Крстител, именден прославуваат Јовановци. Овој ден се вика уште и Женски Водици поради што главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените.
Tweet |