Петар Печков
Објавено: петок, 21 септември 2018
Обвинетиот анестезиолог Томчо Ванчев е прогласен за виновен и доби четири години затвор, како и одземање на докторската лиценца, додека гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов се ослободени од обвинението за ,,тешки дела против здравјето на луѓето,,. На доктор Ванчев му е изречена забрана за вршење на професија лекар специјалист анестезиолог во време од пет години, при што времето минато во затвор на се засметува.
Ова е одлуката на судијата Габриела Гајдова, која ја прочита во името на петочлениот судски совет, со кој таа претседаваше. Тројцата доктори специјалисти беа обвинети за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе. Нејзиниот сопруг Венци и мајка и во солзи ја пречекаа судската одлука.
Очекувано беше дека ќе има виновни и лично дека гинеколозите ќе бидат, но излезе дека само анестезиологот го осудија. За жал времето во затвор ќе мине, но Маја нема да се врати. Четири години за два млади животи а боли што гинеколозите се ослободени. Водач на тимот кој ја породува сопругата е д-р Чалков. Со ваквата пресуда делумно е задоволена правдината а цел живот останува болката - рече Димитриј Кадиев, сопругот на родилката Маја Кадиева.
Таа почина на 22 октомври 2015-та година при извршувањето на царскиот рез во Гевгелиската болница. Подоцна, по 10-тина минути почина и нејзиното бебе. Обвинителството ги товареше тројцата доктори дека работеле индивидуално а не како тим и со преземените дејствија обвинетите предизвикале штетна последица, несовесно постапиле при укажување лекарска помош при процесот на породување. Со тоа предизвикале влошување на здравствената состојба кај родилката што резултирало со смртен исход на сега покојната и на новороденчето.
При изрекувањето на пресудата присуствуваше само д-р Венци Чалков и неговиот бранител адвокат Борче Стојанов. Тој кажа дека нема да ја коментира судската одлука.
Судијката Гајдова образложи дека д-р Ванчев сите работи кои се пишани во обвинението, според изведените докази тој и ги сторил, не дошол на време на пројдувањето, бил во алкохолизирана состојба со 1,25 промили алкохол во крвта, извршил повеќе од три обиди на интубација.
Доктор Венци Чалков според изведените докази постапил правилно за работите кои му се товарат во обвинението, во терминот кој го закажал царскиот рез бил според здравствените протоколи, потоа кога забележал дека д-р Ванчов е во алкохолизирана состојба тој реагирал до директорот на Болницата и дека по неуспешните обиди за интубација тој предложил царскиот рез да се одложи.
Доктор Дончо Москов не можел да забележи дека д-р Ванчев е под дејство на алкохол и да бара одлагање на операцијата и дека излегувањето од салата на д-р Москов оти пациентката не можела да се воведе во анестезија нема причинско последична врска со смртта на родилката. Пресудата не е правосилна.
Tweet |