речник контакт

Анестезиолозите од велешка Болница со прашање до директорот Василев ,,Колку чини еден живот,,

Болницата наместо директорот, одговара - се изнесуваат невистинити и неточни податоци

Петар Печков

Тројца од четворицата анестезиолози од ЈЗУ Општа Болнциа Велес, јавно преку писмо го прашаа директорот Атанaс Василев, ,,Колку чини еден човечки живот,,. Со ова отворено писмо  го изразуваат   нивното длабоко несогласувања со  одлуката, да посетуваат ендотрахеална анестезија (вадење на крајници во општа анестезија). 

Др. Василев, зарем ендотрахеалната анестезија е нов метод и нова практика во анестезиологијата? Ако тоа е навистина така, зошто истите ги применуваме веќе со години, кај пациенти администрирани со општа анестезија? Ако ова е нов метод, за кој нас ни е потребна едукација, како ли досега работевме ние, сите овие години? Др. Василев, ендотрахеалната анестезија не е нов метод и на нас, кои повеќето сме при крајот на нашиот работен век, ни е добро познат. Ниту ни тонзилектомијата не е нешто ново. Тоа што ние се трудиме да го воочиме цело време е дека не сме сигурни да работиме со несигурни оператори и дека не сакаме да има последици по животот на пациентите.

Колку чини животот Др. Василев, и колку време е потребно да се слушне нашиот глас? Зарем треба да чекаме да се случат немили настани за дојдеме до заклучок дека директорот погрешно ги проценил работите? Зарем треба да дозволиме глувоста, каприците и иживувањата на директорот кон нас да се рефлектираат кон пациентите? Зарем треба да толерираме тоа што едукацијата не е насочена кон оние кои навистина им е потребна ¬ на ОРЛ хирурзите. Тие се оние кои треба да ја совладаат не само оваа техника на тонзилектомија туку и други техники што го загрозуваат животот на пациентите: да запрат постоперативно крварење, да направат крикотиреотомија и да работат со фибероптички инструмент.

Др. Василев, директор кој навистина е загрижен за животот на пациентите, би им овозможил едукација на гинеколозите да ја совладаат техниката на хистеректомија која секој од нив мора да ја знае и да ја примени при итни состојби кај родилка, било спонтано или оперативно породена, заради животно¬загрозувачко крварење после породувањето. Кога ќе имаме персонал која ја знае оваа техника, интервенцијата ќе се врши итно во болницата каде е извршено породувањето, и нема да има потреба од транспорт во друга установа.

Работата во операционата сала е тимска и секој треба да си ја знае работата и да одговара за истата. Време е да ги тргнеме настрана каприците и суетите, време е за разбирање, и време е директорот одговорно да размисли за цената на животот, пред да е прекасно.

Писмото е потпишано од анестезиолозите: Прим. Др. Станиша Стојнев Прим Др. Гордана Стојанова Прим. Др. Марина Леова

По ова стигна и реакција но не од прозваниот директор, туку од институцијата. Таа со став дека со писмото се  изнесуваат невистинити и неточни податоци, со кои се повредува угледот на болницата,  Во одговорот е напишано:  

Во ЈЗУ Општа болница Велес почнувајќи од 16 септември 2015 година се воведе метода – ендотрахеална тонзилектомија и до ден денес се направени вкупно 45 ендотрахеални тонзилектомии без никакви компликации. Истите се изведени од страна на специјалисти вработени во ЈЗУ Општа болница Велес, а во присуство на специјалисти од Универзитетска клиника за уво, нос и грло Скопје и тоа во тим од анестезиолог и специјалист оториноларнголог.  Стручниот колегиум на ЈЗУ Општа болница Велес донесе заклучок, операциите и понатаму да се изведуваат во ЈЗУ Општа болница Велес, бидејќи постојат кадровски, просторни и технички услови за изведување на истите, а специјалистите од терциерно ниво и понатаму ќе доѓаат во болницата додека има потреба.

Поради тоа што се работи за специфична ендотрахеална анестезија, Директорот на  болницата донесе Одлука да се испратат на едукација анестезиолозите од ЈЗУ Општа болница Велес во УК за уво, нос и грло Скопје.

Крајната цел е пациентите да добијат квалитетна здравствена услуга во ЈЗУ Општа болница Велес со што ќе бидат опфатени пациенти од повардарскиот регион кои нема да бидат изложени на дополнителни трошоци за да ја добијат оваа здравствена услуга во УК за уво, нос и грло Скопје.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »