Петар Печков
Објавено: четврток, 09 февруари 2012
Државната комисија за спречување на корупцијата води истрага за продажбата на велешката Топилница. Тие не сакаат да зборуваат за што е спорно во договорот за купопродажба и не ги коментираат информациите дали е спорен тендерот за продажба и еколошкиот аспект во договорот за купопродажба.
Откако јавност во Велес се крена заради евентуалниот рестарт на топилницата, ние како антикорупциска започнавме повторно да го прегледуваме случајот. На него е работено и претходно, бил ставен во мирување, ние сега го активираме. Не можам да кажам детали, но јавноста за сè ќе биде благовремено информирана – изјави Воислав Зафировски, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Тие од Министерството за економија го побарале договорот, а по информациите дека таму не го поседуваат, Зафировски објаснува дека одат по ред институционално и следен чекор ако ги одбијат, ќе биде да се обратат до велешкиот суд. Затоа пак од Министерството за животна средина потврдуваат дека од нив е побарана дел од документација за случајот „велешка топилница“.
Од антикорупциска добивме писмо со кое бараат информации кои се поврзани со компанијата која ја купи топилницата. Истите ги доставивме до нив, ниту тие кажаа зошто им треба, ниту наше е да прашаме зошто. Го дадовме на увид тоа што го имаме – вели Абдилаќим Адеми, министер за екологија.
Од антикорупоциска не сакаат да коментираат дали имаат сериозни сомневања дека е прекршен Законот за јавни набавки со фаворизирање одреден економски субјект при купувањето на топилницата во Велес. Велешкиот невладин сектор пред две години испрати барање до антикорупциска да се испита продажбата на топилницата. За нив беше спорно што купувањето беше на фирми блиски меѓу себе. Имено продажбата на топилницата тешко одеше првите години, бидејќи во одборот на доверители не можеа да се договорат за условите на продажбата. Најголемите доверители, Технометал, Комерцијална банка, Фершпед, Макпетрол, велешки Ветекс, поаѓајќи секој од својот интерес не се усогласуваа, па тендерите за продажба пропаѓаа.
Во 2008-та ја купи „Метрудхем“, за сума од 2,25 милиони евра. Претходно групацијата „Минеко“ се стекна со 64 отсто до побарувањата откако ги откупи од овие пет големи доверители. Како најголем доверител во стечајната постапка, тие ги диктираа условите за продажба, а откако се продаде, дозволија подолг временски период, надвор од рокот „Метрудхем“ да не ја плати вредноста со која победи на тендерот.
Токму затоа велешките „зелени“ поднесоа приговор до антикорупциска, бидејќи „Минеко“ како најголем доверител ја продавал а потоа „Метрудхем“, откако сам се пофали дека е дел до „Минеко“, ја купи топилницата.
При стечајната постапка во велешка топилница имаше голем криминал. Поради тоа првиот стечаен управник, Владислав Тамбурковски со четири правосилни пресуди доби вкупно 15,5 години затвор и обврска на државата и топилницата да врати 700 илјади евра. Тој за стечаен управник во МХК Злетово беше именуван во 2004-тата по препорака на Светската банка. Поради овие затворски казни, тој сега е во бегство.
МХК Злетово се продаваше од 2004-та а почетната цена беше 13, 7 милиони евра. На првиот тендер, во 2006-тата беше успешен, кога холандската фирма „Ресурсис холдинг“ за 7,6 милиони евра го купи комбинатот. Но откако ја констатира состојбата на нерасчистени имотно-правни односи во комбинатот се повлече.
Tweet |