Петар Печков
Објавено: вторник, 28 февруари 2023
За четири години експлоатација на згурата, производ на четири децениската работа на велешка Топилница, концесионерот „Кепс маунт груп“ на државата и платил 13 илјади денари. Овој податок го соопштија од Министерство за економија.
„Согласно Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење на детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини- Службен весник на РСМ бр.24/20, за експлоатација на минерални суровини, концесионерот плаќа надоместок во износ од 0,5 % од пазарната вредност на соодветниот метал, кој е добиен од експлоатираната, односно преработената минерална суровина. По основ на продадени количини на техногена минерална суровина (троска), концесионерот ги има доставено следните податоци: за 2019 година – 1.385 денари, за 2020 година – 5.523 денари, за 2021 година – 1.716 денари за 2022 година – 4.400 денари“- информираа од Министерството за економија.
На почетокот на работата на српската компанија 2019 година, „Кепс маунт груп“ која формира фирма во Скопје, беше најавено дека згурата ќе се извезува во Малезија, потоа во Турција, па последната информација беше за Србија. За овие четири години ридот никако да започне да се дислоцира. Отстранувањето на депонија, нејзино расчистување започна во октовмри 2019, кога е добиена „Б“ интегрираната дозвола, но работите не се одвиваат со најавеното темпо.
„Состојбата пет години подоцна, откако концесионерот започна со работа е статус кво. Секој може да приеми дека ридот е уште таму, нема извезено значајни количества. Според расположливите информации, има извезено мали количини на троска во Молдавија и Турција. И по 18 години од затворањето на Топилница не можеме да кажеме дека Велес е добро еколошки место за живеење. Областите на животна средина и екологија, за жал се ставени на последно место на делување на надлежните државни институции“ - кажа Сашка Коцевска од ЕД Вила Зора.
Депонијата има тежина од 1,8 милиони тони, има присуство цинк, олово, железен оксид. Има и арсен и кадмиум, кои се опасни и токсични елементи, но од концесионерот велат нивното присуството било скромно и биле врзани со други елементи, па не претставувале опасност по здравјето на велешани.
Од српската компанија, „КЕПС МАУНТ ГРУП“ со седиште во Скопје, не даваат информации колку згура е отстранета за овие четири години, но оптимистички најавуваат дека инсталираат нова опрема, иако еко -дозволата им завршува за седум месеци, на 2 октомври 2023 година.
„Во тек е поставување на линија за дробење, сепарирање и селектирање на техногената минерална суровина, која ќе започне со работа од месец март. Со неа месечно ќе се отстрануваат 30 илјади тони згура. За нејзина работа добиени се потребните документи од Министерството за животна средина. Тоа е затворен систем со водена сепарција, нема да има штетност по околината. Донесена е вода до локалитетот и работите може да се одвиваат непречено“ - соопштија од Кепс маунт груп.
Депонијата со згура е една од десетте црни еко-точки во Македонија. Од наталожените материјали, при секој ветер се разнесуваат во градот, опасни и штетни честички по здравјето на велешани.
Tweet |