речник контакт

Балетот ,,Либертанго,, на 12 февруари во Велес (видео)

Музиката на Пјацола ги спојува џезот, класиката и музиката на трите народи: Италија, Шпанија и Аргентина и ја создава една од најубавите танго-композиции на XX век, ЛИБЕРТАНГО

Петар Печков

Во вторник, 12 февруари, балетот „Либертанго“  на Астор Пјацола ќе биде изведен на сцената на велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,,.  Ова го најави градоначалникот Аце Коцевски на прес конференција.  Кореографијата е на Сабрина Боско од Италија, режисер е  Наташа Поплавска, а сценографијата и костимографијата се на Александар Ношпал.  Настапот Општина Велес го организира во соработка со Македонската опера и балет и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Влезот за настанот е бесплатен.

Поради ограничениот број на седишта, би сакал да ги известам граѓаните дека места ќе има за 350 гледачи по принципот „прв дојден-прв услужен“. Апелирам до сите заинтересирани граѓани да дојдат навреме за да си обезбедат место- рече Коцевски кој ги покани сите граѓани љубители на културата, особено балетот да не ја испуштаат можноста да уживаат во балетската уметност и настапот на МОБ, на 12 февруари годинава.

Во наредниот период како што најави градоначалникот ќе се работи на зголемување на културната понуда со настапот на Македонската филхармонија и Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.

На настанот што Општина Велес го организира во соработка со Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе настапат 40 балетски уметници: Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили од Грузија, Мими Поп Алексова Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Ендру Кук од Англија, Јан Кисилев, Мирослав Митрашиновиќ, Марко Здравковски, Драган Кочоски и целиот балетски ансамбл на Македонската опера и балет.

„Либертанго“ од Астор Пјацола, ја раскажува  животната приказна на овој композитор и почетоците на тангото во неговата родна Аргентина во втората деценија на 20 век.

Приказната го следи патот на италијанското семејство Пјацола –родители Висенте и Асунта на кои оваа јужноамериканска земја им дала надеж за подобар живот како и на многу други италијански емигранти.

Во почетокот на минатиот век во Аргентина има прилив на емигранти од Европа, а најмногу од нив биле Италијанци и Шпанци. Аргентина е новата ветена земја, земја што им давала надеж на сиромашните Италијанци, емигранти кои во почетокот на 20 век тргнале да бараат подобар живот. 

Оваа приказна ни го покажува патот на италијанското семејство Пјацола. Висенте и Асунта, родителите на познатиот композитор Астор Пјацола. Мајката на Астор, Асунта Пјацола е пријателка со познатата италијанска танчарка Каменчита Кармен Калдерон која е една од првите танго-танчарки во Аргентина. Таа е исто така италијанска емигрантка која го развива тангото заедно со другите танчари. Пренесувајќи ги танго-чекорите на Асунта и Висенте Пјацола, тие заедно го развиваат овој танц. 

Во дваесеттите години на 20 век во Аргентина се танцуваат различни танци. Се појавуваат женските танци на шпанските емигрантки кои ги изгубиле своите мажи во битки, а ги викале чинас-жени, како и танците на лорас-девојките,кои со часови танцувале во аргентинските барови. Истовремено во Аргентина на улиците се игра и танцот на италијанските емигранти. Овие три народи, кои се наоѓаат заедно во страсната Аргентина како оддишка од тешките животи и макотрпната работа, наместо битки, почнуваат да танцуваат и да пеат заедно. 

Така на сцената се појавува и прекрасната аргентинска танго-танчарка, Марија Нивес која со својот партнер Хуан Карлос го развиваат тангото и го презентираат низ светот. Преку нив, Калдерон и Пјацола, тангото во Аргентина ќе ги достигне своите врвни мигови.

Низ тешкиот живот на емигрантите во Аргентина гледаме како Астор со својот мал банденеон, уште како дете почнува да ужива во танго-нотите, во џез-музиката како и во класичната музика. Растејќи по улиците на Буенос Аирес, поддржан од родителите, сè повеќе се вљубува во музиката. Со неговата музика тој ја привлекува и својата прва љубов, Деде Вулф со којашто подоцна се жени. Тој и натаму инспириран од танцот што го играат и мајка му Асунта и нејзината пријателка Калдерон, а воден од страста и љубовта кон Деде создава музика со силни емоции.

Тангото долго време му е инспирација на младиот Пјацола. Низ приказната на неговите родители, љубовта кон жената и страста кон танцот и музиката, Астор расте, а со него расте и тангото насекаде низ светот.

Понесен од играта и од страста на младата танчарка Марија, таткото на Астор почнува да танцува пред публика заедно со Марија Нивес во „Кафе бар - Буенос Аирес“. Во овој најпознат кафе бар во Буенос Аирес за прв пат ќе се спојат неколку различни танго-играчи: Висенте, Карлос, Калдерон, Асунта и Мариjа, а со нив ќе почнат да танцуваат и останатите танчари.

Музиката на Пјацола ги спојува џезот, класиката и музиката на трите народи: Италија, Шпанија и Аргентина. 

Живеејќи меѓу улицата, клубот, музиката и танцот, класиката, џезот, универзитетот и талентот, помеѓу Буенос Аирес и Париз, Астор Пјацола ја создава една од најубавите танго-композиции на 20 век, ЛИБЕРТАНГО.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »