Петар Печков
Објавено: сабота, 10 октомври 2015
Најновите податоци на Народна банка на Македонија говорат дека во првото полугодие од годинава нашиот банкарски сектор, составен од вкупно 15 банки, остварил вкупен профит од дури 33,4 милиони евра, наспроти 18,7 милиони евра во истиот период лани. Тоа е безмалку двоен пораст, или прецизно, вкупните банкарски добивки во првите шест месеци се зголемени за 78,8 проценти.
Интересно е дека најзначајните профити банките ги оствариле токму во вториот квартал од годинава, бидејќи во првото тримесечје вкупната банкарска добивка изнесуваше околу 10 милиони евра, што значи дури 23 милиони евра профит се остварени во второто тромесечје.
Инаку, во првото полугодие банките оствариле вкупни приходи од камати од близу 161 милион евра, речиси идентично колку и во истиот период минатата година. Компаниите што користеле банкарски кредити за камати во првите шест месеци платиле вкупно 68 милиони евра. Од граѓаните, пак, банките по основ на камати вкупно собрале околу 65 милиони евра.
Банките за камати на депозитите во првото полугодие исплатиле 49 милиони евра, што е за 10 милиони евра помалку од истиот тајминг лани, што се должи токму на постојаниот пад на каматните стапки на влоговите. Или, во првите шест месеци нашите банки од нето-приходи од камати оствариле 112 милиони евра, за над 10 милиони евра повеќе од лани.
Банките, меѓу другото, ја кредитираат и државата, па од неа по основ на камати во првото шестмесечје наплатиле 10 милиони евра, или за три милиони евра помалку од истиот период лани.
Солидни приходи на банките им носат и разните провизии и надоместоци и по тој основ во периодот од јануари заклучно со јуни тие реализирале нето-приходи од 34 милиони евра.
На страната на расходите, пак, една од позначајните ставки се резервациите на лошите кредити, односно загубите поради оштетување - исправка на вредност на финансиски средства од околу 36 милиони евра.
Ако банките се гледаат по категории согласно со големината, во првото полугодие од годинава „лавовскиот“ дел од профитот го направиле големите банки, и тоа дури 28,5 милиони евра. Во истиот период лани, пак, категоријата големи банки имала вкупен профит од 16,8 милиони евра. Но, треба да се напомне дека оваа година во групата големи банки влегуваат четири банки (со вкупна актива над 462 милиони евра), додека, пак, во истиот период лани наведената вкупна добивка ја оствариле три банки, кои влегуваа во групата големи според рангирањето на централната банка.
Средните банки, пак, каде што влегуваат осум банки, во првото полугодие годинава имаа вкупен профит од 5,6 милиони евра, слично со 5 милиони во истиот период лани. Додека, пак, подобрување има кај групацијата мали банки, кои сега се само три, наспроти пет во истиот период лани и каде што загубата во првите шест месеци годинава изнесувала 764 илјади евра, наспроти дури 3,2 милиони евра негатива во истиот период лани.
Текстот е преземен од Утрински
Tweet |