Петар Печков
Објавено: сабота, 27 март 2010
Со вечерашната ( сабота) премиера на претставата ,,Баханалии,, во режија на Наташа Поплавска а работена по текст на Горан Стефановски, велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот‘‘ ќе го одбележи Светскиот ден на театарот и ќе ја отвори новата овогодишна театарска сезона.
Режисерката Поплавска најавува дека гледачите ќе ги води низ специфичен начин и поинаков пристап на работа а претставата е наменета за сите слоеви на театарската публика. Го актуелизира жанрот и формата кабаре, преку танцот, песната и актерската играта.
Направиме претстава која влегува во таканаречениот тотален театар и користиме се што можеме да употребиме и публиката да ги ангажира сите сетила. Блиска е на некогашното кабаре со тоа што технологијата овозможува да вплетеме и уште нешто, тоа е овој пат видеото. Текстот говори за борбата за власт постојано присутна во драматургијата, секаде во светот – изјави Поплавска.
Таа актуелноста на текстот не ја гледа само во денешни услови и тука, туку таа била актуелна и пред 20 години кога ја напишал Стефановски и пред две илјади години кога се корените на мотивите по кои е работена. Васил Зафирчев, актер и уметнички директор на театарот на вчерашната прес-конференција најави дека во неа ќе биде претставен култот на Дионис а кој тој го имал на ова подрачје.
Оваа претстава ги користи ликовите од античкиот мит и низ нив раскажува модерна и современа приказна, која се провлекува и тогаш кога е пишуван текстот и денес. Таа е оригинална, интересна, современа претстава која не ја остава публиката рамнодушна – изјави Зафирчев кој настапува во улогата на Дионис и со ова ролја по две годишна пауза се враќа во театарот.
Сценографијата на претставата е на Емил Петров, костимите се на Александар Ношпал, музиката на Џенгис Ибрахим, а кореографијата е на Олга Панго. Во ,,Баханалии,, настапуваат: Маја Љутков, Роберт Ристов, Кица Ивковска Велјановска, Кети Борисовска, Самоил Стојановски, Зорица Панчиќ, Слободанка Чичевска, Весна Димитровска, Едмонд Сотир и Славица Манаскова. Почетокот на премиерата е најавен за 19, 30 часот. На прес конференцијата беше промовирана и веб страницата на велешкиот театар www.teatarveles.mk .
Tweet |