речник контакт

Башино Село не е повеќе најголемиот одгледувач на млад кромид во Македонија (видео)

Росоман и Каратманово се најголемите одгледувачи на оваа раноградинарска култура

Петар Печков


Тивко е во велешко Башино Село, до пред некоја година најголемиот одгледувач на млад кромид во Македонија. Ја нема вообичаената пролетна слика  на бројни производители и откупувачи на оваа рано градинарска култура.  

Последните години  малкумина од локалните  семејствата   го работат овој ран зеленчук. Причината е што младите не се заинтересирани, па бавчите останаа да ги работат  возрасните.

 „Младите се вработија во фирми кои се од странство и дојдоа во Македонија. После работа одмараат, не им е до бавчите, до фолиите и така дојде време да нема кој да го одгледува младиот кромид. Останаа повозрасните да го работат“ – вели Димче Далевски жител на Башино Село. 

Ниската цена,  немање на органзиран гарантиран откуп,  влијаше селото кое го снадбуваше и пазарот за 22 милиони жители за поранешна Југославија, сега да ги задоволува исклучиво  потребите на велешани. До пред некоја година, десетина во низа, младиот кромид се откупуваше за Хрватска, но интерес повеќе неме. Неколку години  наназад млад кромид и млад лук, се одгледуваат во Каратманово - Овче поле.

„Имам 65 години и со млад кромид и  лук работам од 25 години. Одамна одгледувавме само сега го бараат и откупуваат. Ако еден врзоп на пазар е 15 денари, прекупци од Скопје ни го откупуваат за 8, толку се цени трудот“- кажа Славе Младенов земјоделец од Каратманово.

Упатените велат дека местото на Башино Село во одгледувањето на  младиот кромид,  последните години го зазема  Росоман. Од таму шлеперите пролетва заминаа за Хрватска за католичкиог Велигден. Земоделците задоволни и од цената и од пласманот.    

„Годинава имаше доста купувачи, младиот кромид го откупуваа. Тој беше баран, имаше и солидна цена. Цената беше 65 до 70 денари за килограм. И се што се произведе се се` откупи, дел кај нас во Македонија, нешто за Хрватска“ – вели Владо Орданов земјоделец од Росоман.  

Плоштадот во Башино село е празен, откупувачи повеќе нема, останаа само спомените од едно минато време, кога тука  камиони го разнесуваа овој зеленчук по пазарите низ земјава и пошироко.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »