Петар Печков
Објавено: среда, 12 април 2023
Ја нема вообичаената слика од пред Велигден во велешко Башино Село, кое беше најголемиот одгледувач на млад кромид во земјава. Среде село само еден откупувач и полупразен камион, производители нема. Ако селото беше најголемиот производител на млад кромид во земјава, сега малку од локалните семејствата го работат овој ран зеленчук.
„Младите се незаинтересирани, останевме возрасните да работиме. Јас сум на 53 години, работам во бавча 35 години, немам ниту ден стаж. Сопругот има работено во фирма. Едно време работевме и со аргати, толку работа имаше, сега наназад 15 години сами двајцата работиме“ - вели Татјана Бабуновска од Башино Село.
Ако лани еден сноп со 25 врзопи млад кромид беше 150 денари, годинава е 120 денари. А цените на сите репроматеријали скокнаа неколку пати. На велешки пазар цената на еден врзоп млад кромид е 10 денари, колку и лани.
„За 60 отсто е намалена работата. Цените отидоа високо, нафта, вештачко ѓубре, препарати а цената на откупот по ниска од лани. Ниту во Скопје се бара, да не зборувам за надвор од Македонија, каде го пласирав пред 10-20 години, Србија, Хрватска, БиХ. Со камионот откупував по 1,2 илјади снопа, сега околу 240. А и да има род, нема кој да го купува, ќе остане по нивите, ќе скапе“ -кажа Мемед Весели, кој 30 години доаѓа во Башино Село и откупува млад кромид. После десетина години, оваа немаше дистрибутери кој доаѓаа во селото, за откуп и пласман на Хрватскиот пазар.
Производителите сметаат дека за некоја година во Башино Село ќе се одгледува млад кромид колку да ги задоволи потребите на велешани, но не и пошироко. Упатените во оваа култура велат дека местото на Башино Село во одгледувањето на младиот кромид последните години го заземаат Росоман и Сирково.
Tweet |