Петар Печков
Објавено: сабота, 06 август 2016
За првпат во историјата, и бегалците раселени низ светот ќе имаат свои претставници на Олимписките игри што почнуваат утре во Рио. Тимот од 10-те атлети, преку преседанот направен со одлуката на МОК, ќе се натпреваруваат за околу 60 милиони политички или економски мигранти кои ја делат истата судбина.
Меѓу нив е и атлетичарот Пур Биел од Јужен Судан, кој пребегнал во Кенија откако бил раздвоен од родителите. Пливачот Јусра Мардини ја преживеал хаваријата со потонувањето на бротчето полно со бегалци и сега престојува во Германија. Тој не може да каже дали некој од семејството во Сирија е запознаен со овој предолимписки триумф на бегалците.
„Оваа одлука покажа дека и ние сме сепак луѓе. Не сме само бегалци, туку и дека можеме нешто да постигнеме, да ги следиме нашите сништа“, вели Јусра Мардини, пливачка од Сирија.
„Сега повторно се чувствуваме како човечки суштества, сега не припаѓаме на нашата држава, туку на една поголема заедница“, вели Пур Биел, атлетичар од Јужен Судан.
Бегалци или мигранти, нивниот проблем станува планетарен. Во Обединетите нации идниот месец, на специјална сесија се собираат државниците за да изнајдат повеќе средства и посветеност за решение. Само во Турција, чиј договор со Унијата е на расклатени нозе, има над 2 милиона бегалци од Сирија, од кои 830 илјади се деца. Од нив, половина милион се без пристап до образование.
„Итна е потребата од меѓународна помош во повеќе училници за овие деца. Очекуваме дека на 19 септември, членките на ОН ќе ги разберат опасностите од масовните преселби“, изјави Гувен Бегеч заменик на постојаниот претставник на турција во ООН.
„Заедно со Канада, Етиопија, Германија, Шведска, Јордан и Мексико ги повикуваме владите на посериозна посветеност, финансирање и прифаќање на бегалците. Земјите кои се први на удар да преземат дополнителни чекори за образование и за вработување“, изјави Саманта Пауер постојан претставник на САД во ООН.
За ова, светската организација веќе усвои нацрт- документ за кој ќе се расправа на 19 септември во Њујорк. Независно од застојот во репатријацијата, МОК сепак го направи првиот чекор во интернационализацијата и решавањето на современиот предизвик за човештвото.
„Со создавањето на олимпискиот тим на бегалците, ние испраќаме зрак надеж. И по Олимпијадата ќе продолжиме да го помагаме тимот“, изјави Томас Бах претседател на Меѓународниот олимписки комитет.
Репрезентацијата на бегалците ќе настапи под знамето на МОК, а за шампионите ќе биде интонирана химната на светската олимписка организација.
Текстот е преземен од МРТВ
Tweet |