Петар Печков
Објавено: недела, 28 август 2016
На годинашниот Велешки пливачки маратон и двајца странци, но тие се повеќе велешани отколку гости. Учесници беа Французинката Лајла Лапартиен и загрепчанецот Стефко Качуров, кои пливаа за себе но и за нивните блиски, кои несебично ги бодреа да испливаат еден круг околу велешкото езеро Младост. Лајла е вработена во авио компанија и слободниот дел од годината го мине во Велес. Таа не пропушти да ја исплива патеката од 2,5 км намената за аматери.
Криво ми е што лани не дојдов, не ми дадоа одмор, па ова ми беше второ учество, пливав и на првиот маратон. Можам да пливам и на 5 км, овие 2,5 км воопшто не беа тешки. Но за тоа треба членство во пливачки клуб а во Велес нема. Многу сакам да пливам, секој ден летово бев на базен, имам кондиција. Во зимо ги учам вашите ора и така ја одржувам кондицијата. И сама се изненадив кога ми кажаа дека сум испливала за 1 час и десет минути, мене ми се чинеше многу повеќе – вели Лајла на одличен македонски јазик.
Таа имаше поддршка од бројните велешки пријатели, кои со силен аплауз ја пречекаа на целта. Таа беше побрза и од некој машки учесници, исто така рекреативци на патеката од 2,5 км. Неколку минути пред неа во целта стигна Стефко Качуров кој е роден во Велес, но животот го однел во Хрватска, во Загреб каде живее и работи 36 години. Но секое лето тој доаѓа дома и не ја пропушта приликата да плива на маратонот. Ова е негово трето учество.
Пливањето ми е релаксација и секое лето кога сум тука секој ден доаѓам на пливање. Уживам во овој спорт и овие 2,5 км не беа никаков проблем. Тие ми се мотив за да испливам што побргу. Во Загреб одржувам кондиција на езерото Јарун, во затворени базени. Имаме прекрасно езеро, создадено за уживање. Нека дојдат моите велешани нека пливаат што повеќе, тоа не е за гледање, туку за уживање – рече Качуров кој е професор по музичка култура. И тој беше пречекан со аплаузи од бројните негови роднини и пријатели.
Tweet |