Петар Печков
Објавено: петок, 27 октомври 2017
Зградата на Железничката станица во Велес е заклучена. Иако е готова, нејзината реконструкција заврши уште во октомври минатата година, таа е се` уште под клуч. Не е достапна за патниците, па тие мораат билети да купуваат преку импровизиран шалтер на отворено.
Без оглед на временските услови, патниците стојат чекаат надвор на дожд, сонце. Од македонски железници -инфраструктура за одговор препраќаат кај финансиерот, Министерството за транспорт и врски, оти тие не биле надлежни за обновата.
Железничката станица во Велес е реконструирана, но не е предадена за употреба оти нема технички прием - кратко одговорија од Министерството за транспорт и врски.
Истата судбина ја имаат и железничките станици во Чашка, Градско и Богомила, кои се реновирани ама не се официјално предадени за користење. И додека од Министерството објаснуваат дека е до документацијата, вработените од железничката станица Велес велат дека во зградата имало влага, која никако не може да се отстрани, како се појавува и од каде доаѓа. И тоа кај шалтерот за билети.
Во текот на јануари, кога имаше длабоко минусни температури, времено беа отворени вратите од чекалницата, за да не стојат патниците на снег и мраз. Но потоа пак се затворија, чекајќи официјално пуштање во употреба, кое никако да се случи и по една година од завршувањето на градежните работи.
Градежните работи кои ги изведуваше ,,ВИА,, ДОО Вевчани доцнеа цели 10 месеци повеќе од терминот кога требаше да се заврши 31.12 2015-та а средствата се обезбедени од фондови на ЕУ. Така објектот кој е затворен цели две години, не е во функција.
Tweet |