Петар Печков
Објавено: понеделник, 17 декември 2012
Празна беше спомен куќата на поетот Коле Неделковски во селото Војница, немаше кој да ја посети да се присети на револуционерот кој е роден токму тука пред сто години. Големиот јубилеј за Неделковски, остана со ситни букви некаде на маргините на живеењето, на одбележувањето помалку заборавен . Неделковски кој е роден на 16 декември 1912 година, во ова велешко село Војница, остави зад себе скромен но значаен книжевен опус. Од локалната управа на Велес тврдат дека тој не е заборавен, туку празнувањето е одржано порано.
На денот на загинувањето 2-ри септември во спомен куќата во Војница ги обележавме двата датуми. Во овој зимски период тешко е да се стигне до селото по лош земјен пат. Тогаш имаше и литературно читање од страна на велешките поети. За овој ден 16-ти декември, оставивме на средното училиште што го носи неговото име, да организира повеќе свечености, квизови, спортски натпревари, театарска пиеса со што се одбележа и јубилејот – вели Катица Чадиева од општина Велес.
За овој јубилеј се спремија од велешкиот Народен музеј. Тие за стогодишнината од раѓањето на Неделковски ја реновираа спомен куќата и собата, но попусто. Во нив немаше кој да стапне, да се потпише во книгата на спомени и да положи цвеќе на спомен бистата. Куќата ја одржува внукот на Коле Неделковски, од негов брат, со исто име и презиме. Попусто тој се надеваше дека на 16-ти декември ќе дојде многу народ и ќе му оддаде почит на поетот и револуционер, чија саможртва е за помнење и е редок пример на херојство.
Коле Неделковски го завршува својот живот, при обид на бугарската полиција да го уапси во станот во кој живеел. Останува неразјаснето дали бил фрлен од полицајците или самиот скокнал преку прозорецот на неговата соба, од мансарда. Сведоците на настанот потврдуваат само дека слушнале експлозија на бомба во зградата, а потоа виделе како Неделковски паѓа на плочникот. Ниту општина Чашка, каде сега се наоѓа родното село на Неделковски Војница не презеде никаква активност за одбележување на јубилејот.
Чувствувам дека Неделковски е маргинализиран, запоставен со години наназад. Нема адекватно место кое му припаѓа во македонската култура. Лошо е кога сами си ги забораваме сопствените вредности, тогаш кој друг да не цени однадвор – вели велешкиот поет Михајло Андреев.
Друштвото на писателите на Македонија, неодамна единствен го добележа јубилејот со собир во чест на Неделковски. И додека во сите македонски документи се води дека Неделковски загина на 2-ри септември, во бугарските тоа е ден порано, на 1-ви. Истите се поместени во спомен собата, каде може да се прочита факсимил од бугарски весник од 2-ри септември дека ден претходно се самоубил Неделковски. Спомен плочата од пред куќата, од каде Неделковски се фрлил од четвртиот кат, пишува тоа е сторено на 1-ви септември 1941 години. Плочата сега ја има само на фотографија, од куќата исчезнала пред непознат број години. Неделковски е автор на две стихозбирки, меѓу првите кои се пишувани на македонски јазик ,,Молскавици,, од крајот на 1939-та и ,,Пеш по светот,, од 1941-ва а секако негова најпозната песна е ,,Глас од Македонија,,.
Tweet |