Петар Печков
Објавено: четврток, 23 август 2012
Бензинската пумпа на ,,Макоил,, кај мотел Македонија е затворена а десетина вработени добија откази. Таа е една од трите затворени, од вкупно пет на териториајта на Македонија кои ги работи и се во сопственост на Мите Јованов. Затворена е од Бирото за метрологија зашто не била баждарена заедно со останатите две. Таа беше отворена на 25 октомври 2007-та година. Сопственикот на „Макоил“, Мите Јованов, вели дека уште во април поднел барање за баждарење, но од непознати причини тоа досега не било реализирано од надлежните служби.
Пазарните инспектори и луѓето од Бирото за метрологија не го прифатија моето образложение и ставија пломба на пумпите во Велес, Битола, на Зајчев Рид во Скопје. Поради тоа бев принуден да им дадам отказ на педесетина вработени, кои работеа на трите пумпи. Издржав десетина дена, но сега веќе немам приходи и не можам повеќе да ги држам како вработени – вели Јованов и додава дека не е виновен за оваа непријатна ситуација.
Јованов потенцира дека барањето до надлежните служби за баждарење регуларно го поднел уште пред четири месеци и дека не му е јасно зошто досега не дошле да ги извршат потребните проверки.
Инаку, бензинските пумпи се обврзани да имаат соодветен жиг и пломба од Бирото за метрологија. Баждарењето, како што објаснуваат од бензинските пумпи, чини 30-40 евра за „пиштол“ за точење гориво, а повремени контроли се прават за да се види дали поставените пломби се на место, односно дека не се оштетени.
Tweet |