речник контакт

Благој Панов, изработувач на инструменти

Велешанецот Благој Панов е единствениот мајстор во земјава кој изработува фламенго-гитари.

Петар Печков

Велешанецот Благој Панов е единствениот мајстор во земјава кој изработува фламенго-гитари. Тој е еден од ретките мајстори во светот што ја продолжуваат оваа вековна традиција. Неговите гитари тежат околу еден килограм, што ретко им успева дури и на најголемите мајстори во Шпанија. Во земјава ретко кој знае за него, но во Италија гитарите му се продаваат „како алва“. Неговите ремек-дела чинат од илјада до 24 илјади долари.

- Моите фламенго-гитари се побарани и од тие на шпанските мајстори. Вистинска уметност е овие гитари да бидат што полесни, па затоа постојано работам на нивно усовршување. Италијанците ми се најчести клиенти, а на нивниот пазар се пробив преку наши студенти што живеат таму - вели Панов. Благој, за разлика од Шпанците - на кои изработката на овие гитари им е традиционален семеен бизнис, работи врз база на проекти.

- Пред да почнам да ја работам гитарата, правам технички проекти, со цртеж и детали за склопување. По професија сум инженер по конструкции, па тоа многу ми помага во работата - вели Благој. Панов, освен фламенго, изработува и класични концертни гитари. Разликата меѓу нив е што фламенго-гитарата е подолга и потесна во телото. Ремек-делата, Благој ги изработува од егзотични дрва: полисандр, роузвуд, канадски кедар, германски спус и шпански кедар, а ги купува преку Интернет од Америка, Канада и од Шпанија. Панов е самоук мајстор, а изработката на гитарите ја усовршувал низ годините.  

- Почнав да свирам гитара на шест години, а љубовта кон музиката ме поттикна да изработувам гитари. Никогаш не сум посетувал училиште за изработка на гитари, а единственото училиште во Европа се наоѓа во Шпанија - вели Панов. Благој има и „нек-џек“, редок апарат што служи за менување на прагови и грифови на инструментите. Го увезол од Америка пред три години, а според производителот, тој апарат бил единствен во Европа. Мајстор Благој не само што изработува фламенго-гитари туку тој знае да свири на бенџо, кантри-гитара, рекинто, мандолина и на контрабас. На шега вели дека може сам да направи група, а ги поправал инструментите и на многу наши гитаристи.

\"\"

- Единствено ми е жал што живеам во Велес, бидејќи тука пазарот е многу мал - додава тој. И додека Благој ја раскажува својата „фламенго“-приказна, доби уште една нарачка од членовите на белградската група „Оџила“, кои наскоро ќе го посетат за да им изработи гитара.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »