речник контакт

Благцата на баба станаа полнолетни

По 18-ти пат во Велес се одржа хуманитарно – ревијалното дружење

Петар Печков

Манифестацијата  Благцата на баба се одржа по 18-ти пат со што стана полнолетна.  Околу 500 жени пензионерки од 18 града од Македонија  дојдоа да ги претстават нивните  стари традиционални блага, кои  се оставина од нивните баби, мајки.  Тие неколку часа  се забавуваа, дружеа и ги вкусија подзаборавените блага на нивните предци. За оваа пригода од фиока беа изведени рецептите и подготвени тиспиштија, фурма, татлии, шеќерлеме, раванија.

За ова наше дружење подготвив  старинска алва, подготвена со гриз. Ја модернизирав малку со времето, додадов  рендано јаболко, малку чоколадо. Тука се сретнувам со пријателки од други градови  во Македонија, со кои се запознавме токму овде на манифестацијата. Ќе се прашаме за здравјето, како сме, разменуваме рецепти. Има и Албанки доаѓаат гостинки од Тетово, Дебар, Гостивар, има Турчинки. Најважно е што одлично се дружиме    –  вели   Софија Димова, која доаѓа со задоволство на манифестацијата.

За доброто расположение  во салата, меѓу присутните некои од учесничките не ја пропуштија можноста да го земат микрофонот, да запеат и се вратат за момент во младоста. Ако изминатите години,  подготвените благца ги имаше на десетина метри поставени маси, годинава тоа не беше случај. Истенчениот пензионерски џеб, се одрази на понудата и таа годинава беше поскромна.

Станав утрово уште во 5 часот за да ги подготвам овие фурки, вид крофни.  Рецептот од нив го научив од мојата мајка, сега го пренесувам на  помладите. Не е тешко да  се подготват, ова се старинско благо. Постаро е од мене, едноставно е. Често ги подготвувам, пред се поради внуците.  Ама бргу го снемува од масата - Ленче Астарџиева од Неготино.

Таа доаѓа по четврти пат на манифестацијата, пред се заради дружење, убав помин и забава. Но Благцата на баба имаат и хуманитарен карактер, дел од средствата се за лица на кои им е потребна финансиска помош. Ова е единствена ваква манифестација во земјава, препознатлива  за кој има голем интерес. Секогаш се бара карта повеќе, отколку што може да собере гости мотелот,,На Велешко,, каде таа се одржува.

Годинава решивме собраните средства, по 30 денари од гостинка да ги намениме за четиригодишно дете од Велес, кое има церебрална парализа и му требат за операција. Одделуваме од нашиот скромни пензии, со добра мисла. Успеавме да се одржиме 18 години, и сега еве влеговме во полнолетство. Цел ни беше да ги сочуваме од заборавот старите блага а по толку години станавме и познат локален бренд  - Неделка Ѓоргиева претседател на Жените пензионерки од Велес, организатор на манифестацијата.

Тие минатата година издадоа и книшка со рецепти од дел од старинските блага, кои досега  биле изложени. На масите годинава можеа да се видат старински блага, што бабите ги правеле некогаш пред стотина и повеќе години, аманет од минатото, равании, фурми, баклави, гурабии, татлии, но и нешто ново, за домаќинките кои сакаат да бидат во тренд а се  инспирирани од турските телевизиски серии.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »