Петар Печков
Објавено: вторник, 09 август 2016
Пливачката Анастасија Богдановски со нов државен рекорд го заврши учеството на Олимписките игри во Рио. Таа во квалификациите на 200 м. слободно исплива време од 2:00:52 што е нов Македонски рекорд на оваа патека.
Со ова постигнато време Богдановски беше 33-та од 42 натпреварувачки а во втората квалификациона група каде пливаше на целта стигна третопласирана. Нејзиното претходно најдобро постигнато време на 200 м. слободно беше 2:01:28. Богдановски новиот државен рекорд го посвети на жртвите од невремето во Скопје.
И во ова време на возбуда и радост, моето срце и моите мисли се насочени кон жртвите од поплавите во Скопје, и нивните семејства. Нивната несреќа е поголема од мојот успех. Затоа јас го посветувам мојот нов државен рекорд на жртвите и нивните семејства – напиша таа на нејзиниот ФБ профил, веднаш по трката.
Таа изјави дека е задоволна од постигнатото време и новиот државен рекорд, пред трката била релаксирана а во водата се чувствувала ,,мазно,, и дека во иднина очекува да го подобри овој резултат.
Богдановски за да се подготви што подобро за Олимпијадата ги остави студиите една година во пауза и од 15 август се враќа на оваа нејзина обврска.
Tweet |