речник контакт

Богомилчани го одбранија Стариот камен мост

Тоа што не им успеа на државните институции, да донесат забрана за сообраќај на товарни камиони врз мостот, им успеа на жилите на Богомила со протест

Петар Печков

Тешките камиони товарени со дрва или кварц повеќе не сообраќаат по стариот камен мост  во селото Богомила, велешко. Откако селаните штрајкуваа и со жив штит го бранеа мостот стар десетина векови, кое е прогласен за културно наследство и се смета дека потекнува од римско време, по него повеќе не возат камионите на шумското претпријатие ниту камионите товарени од блиските каменоломи. 

Наместо по мостот, тие ја минат реката Бабина и така стигнуваат до саканата цел. Но и покрај тоа, мостот е сериозно оштетен и со нарушена стабилност. Преку него се одвива целокупниот сообраќај за превоз на товар од планинскиот масив на Јакупица кон Велес како и за доаѓањето на бројни домашни и странски гости кон планинарските домови во Папрадиште, Чеплес и врвот Солунска глава.

Мостот е граден пред две и повеќе илјади години. Има на него интересен знак, човечка глава,  што зборува дека потекнува до римско време. Тој не е граден за тешки товарни возила кои минат врз него. Поради неговата состојба се случија повеќе несреќи, патнички возила да слетуваат во реката Бабуна, луѓе да се повредуваат а од страна почнаа да паѓаат старите камени блокови. Ако мостот падне, што може да се случи, ќе бидат отсечени повеќе села а ќе биде прекината и релацијата кон неколку планински одмаралишта на планината Јакупица – вели  Борис Петревски, пензиониран професор од селото. 

Жителите на Богомила посочуваат дека се случувало до него да пристигнат туристи од странство, најчесто од Србија и Хрватска, кои сакаат да ги посетат домовите, но не можат да го продолжат патувањето поради мостот и неговата состојба.

Но не реагираат само жителите на Богомила за овој мост, тоа го сторило и СВР Велес, согласно Законот  за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно кон крајот на 2009 година преку Музеј на град Велес се обратиле до Управа за заштита на културно наследство на Министерството за култура на Република Македонија и до Министерство за транспорт и врски на Република Македонија и доставило Иницијатива - Ургенција за реализирање на предлог мерки за заштита на мостот Стариот Камен на река Бабуна во село Богомила, кој од Националниот конзерваториски центар на Република Македонија е регистриран како Споменик на култура. Но повратна реакција досега немало.

Од локалната самоуправа на Чашка во повеќе наврати реагирале до Министерството за транспорт и врски како и до Агенцијата за патишта, со изготвен проект за изградба на нов мост, непосредно до постојниот, со цел негова заштита.

Решение за овој проблем е едно, изградба на нов мост. Ние тоа го бараме со целосна документација и очекувам дека по актуелизирањето на проблемот од страна на  жителите на регионот на Азот, кое е оправдан, надлежните државни институции до година ќе започнат со реализација на изградба на нов мост – изјави Горан Пановски градоначалник на општина Чашка.

Стариот Камен мост е заштитен споменик на културата од 1953 година и спаѓа во групата рустични мостови. Стручњаци од Националниот конзерваторски центар на Македонија, пред две години извршиле увид, изготвиле извештај и констатирале дека на мостот се одвива товарен сообраќај кој негативно влијае врз стабилноста на мостот. Поради ова тие тогаш  побарале забрана на секаков вид моторен сообраќај, конзервација и реконструкција на мостот како и изградба на нов мост преку реката Бабуна. Тоа што не им успеа на државните институции, да донесат забрана за сообраќај на товарни камиони врз мостот, им успеа на жилите  на Богомила со штрајк. Тие посочуваат дека нема да отстапат и во наредниот зимски период, се додека не се изгради нов мост.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »