Петар Печков
Објавено: среда, 19 јануари 2011
Овој празник е еден од најголемите христијански празни¬ци. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера. Конкретно е поврзан со крштевањето на Исус Христос од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител.
Грците овој празник го нарекуваат Богојавленија множината укажува дека во себе ги собира сите богојавленија од почетокот на светот и векот а за време на крштевањето на Исус Христос Бог јасно и конечно се пројави како Света Троица, Отец, Син и Дух Свети. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден. Големиот водосвет е симбол на обновувањето на нашата огрeвовена природа и на целиот космос преку вода и Дух.
Празникот Водици ,Богојавление, народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден според верувањето Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.
Тој час како што се верува и водите престанувале да течат за миг и биле многу лековити. Од таа вода да се налеело можело да се лекуваат разни болести. Ако пак не се налеела во тој миг водата можела таква да се напрaви откако ќе се освети (покрсти) по специјален обред што го изведува свештеникот.
Водици се празнува два дена. Првиот ден 19 јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шапкарев во минатото бил познат обичајот капење на младоженците.
Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пеана, светена, вода.
Истиов обичај го забележала и Вера Кличкова и смета дека поради овие обичаи првиот ден се вика Машки, а вториот Женски Водици. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.
Tweet |