Петар Печков
Објавено: недела, 06 јануари 2013
Возљубени наши духовни чеда!
Синот Божји Кој од искони беше во прегратката на Отецот, се роди од Пресвета Богородица!
Бог го создаде светот во кој сè беше сосем добро, но, човекот не успеа да го одржи созданието во единството на благодатта и мирот и со направениот грев внесе неред и го изопачи целиот богодоверен свет. А, Бог, Кој нè воведе од небитие во битие, кога отпаднавме не го остави Своето создание до крај да пропадне во гревот, туку не престана да прави сé, додека повторно не нé подигна.
Раѓањето на Бога во човечко тело истовремено е и соединување на човекот со Бога. Бог Словото преку Пресвета Богородица се соедини со луѓето и отпаднатата човечка природа во Себе ја прими.
Бог станува чувар на нашето човечко достоинство. Бог е пазител на нашата чест.
Бог благоволил домостројот на спасението да го изврши токму со воплотувањето и вочовечувањето на Синот Божји, а не преку некаков небесен посредник, затоа што посака да оствари личен допир со човекот, најприсно да се соедини со него, за да го прероди во светоста, да го обнови во богочовечкото единство и да го спаси. И така, кој е во Христа, ново создание е. Старото помина, ете, сè ново настана (2.Кор. 2. 17). Со Христовото Рождество во тело започна Новиот Завет на Бога со човекот, кој не на камени плочи, туку во човечките срца е запишан.
Драги браќа и сестри!
Божик е ден на кој ја славиме изобилната Божја љубов кон човекот. Божик е празникот на кој се потсетуваме дека вистинска љубов е само онаа љубов во која целосно се предаваме себеси заради Бога и заради братот свој.
Тајната на љубовта е во тоа што, колку човекот повеќе се дарува заради другиот, толку повеќе го храни сопственото битие и прави тоа бескрајно духовно да расне според примерот на Исуса Христа. Блажен е оној кој знае дека во свештенодејството на љубовта, човекот по благодат се раздробува, но не се разделува, секогаш се принесува на другиот како храна, а никогаш не се потрошува.
Во овој свет Христос ни доаѓа во лицето на нашиот ближен. Затоа светите отци велат: Ако си го придобил својот ближен, си го придобил Бога. Никој да не остане во темнината на самољубието, зашто христијанинот е христијанин само во црковната заедница. Поговорката вели: Еден христијанин е како ниеден христијанин. Потребно е секогаш да имаме предвид дека христијанската заедница најдобро се изразува и се чува во собирањето на едно место и во еден храм на Светата божествена литургија.
Возљубени наши браќа и сестри Македонци!
На денешниот величенствен и торжествен празник, испраќајќи ви го нашиот архипастирски благослов, и ние, заедно со вас, чувствуваме огромна национална и црковна радост. Искрено и со целото свое битие длабоко Му благодариме на Бога и на Неговата света промисла што нé удостои во годината што помина да ја прославиме 45-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Овој блескав историски момент беше и остана бесмртен сенароден и сецрковен акцент во битието на нашата татковина Република Македонија. Со оваа значајна историска одлука беше фрлено божественото семе за идното автохтоно и духовно преуспевање на македонскиот православен човек. Денес, по поминати 45 години, анализирајќи ги плодовите на оваа храбра историска одлука на нашите духовни патријарси со сигурност можеме да кажеме дека духовното семе паднало на добра почва и тоа дало и сé уште дава добар и корисен плод.
За време на овие 45 години, афтокефално црковно живеење, македонските цркви и манастири од споменици од далечното минато, со Божја помош и заштита, станаа вистински расад на автентичната македонска православна култура. По поминати 45 години, слободно можеме да кажеме дека Македонската православна црква е Црква со огромен напредок на духовен план, бидејќи од темел требаше да го гради и организира црковниот живот, како во Македонија, така и во дијаспората.
Возљубени следбеници на новородениот Богомладенец!
Како Ваш духовен пастир, од длабочината на мојата душа, најискрено ви посакувам во мир, љубов, радост и меѓусебно разбирање да ги прославите Божикните празници. Ве повикувам, преку овие вечни духовни вредности да напредуваме сложно како македонски православен народ. Да се вежбаме во верата, љубовта, надежта и побожноста и да ги прифатиме нив како основни критериуми во нашиот живот. Врз основа на овие доблести сé во животот да градиме, заклучуваме и проверуваме. Да се угледаме на вечниот Богомладенец, на родениот од Пресвета Дева Марија. Да бегаме од гревот, да не престојуваме во него и да се уподобуваме на Христа во сé. Па така прочистени и преобразени да воскликнеме заедно со ангелите: „Слава Му на Бога во височините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“. Со просветена совест и чисто срце искрено и исправено да можеме да речеме: „Радувај се вселено, зашто Христос се роди!“
ХРИСТОС СЕ РОДИ
НАВИСТИНА СЕ РОДИ
Tweet |