Петар Печков
Објавено: вторник, 23 септември 2014
Болеста син јазик зафати до 30 отсто од велешките говеда и овци. Надлежните уверуваат дека, временските прилики одат во прилог да се намалува интензитетот на болеста. Ја има во сите села во поширокиот регион на Велес, вклучувајќи ги и селата од општините Чашка и Градско. Сопствениците во мака, останаа без добиток.
Ми се јавија од ветеринарното од Велес, да знам дека болеста е раширена и во велешко. Кај мене во стадото имам заболени 40 отсто од овците. Тоа ме плаши, колку од нив ќе умрат, оти неодамна преку проектот за самовработување подигнав кредит а еве колку штета имам уште на стартот – вели Митко Јанков.
Слични проблеми имаат и други сточари од велешко, од Горно Оризари, од Раштани, каде бројни семејства егзистенцијата ја имаат токму од одгледување на овци и говеда.
Болеста син јазик не ги одмина преживарите од велешко. Варира од село до село, од стадо до стадо. Ја има некаде до 30 отсто. Стапката на смртност на заболените животни е од 5 до 10 отсто. Умираат пред се постарите грла. Временските прилики одат во прилог, оти тие не одговараат за комарците кои се главните пренесувачи, така што очекуваме дека таа деновиве осетно ќе се намали. Во повисок процент ја има кај сопствениците кои не презеле здравствени мерки има поголема смртност – рече Димче Димитриевски, директор на Ветеринарната станица во Велес.
Tweet |