Петар Печков
Објавено: вторник, 31 јули 2012
Стевче Тасевски (30 год) доби задолжително лекување и сместување во здравствена установа, заради убиството на неговиот татко Санде ( 60год). Ова решение на Основниот суд во Велес е донесено по психијатриското вештачење спроведено над Стевче, кое покажало дека тој е непресметлив и убиството го сторил во тешка здравствена и нарушена психичка состојба. Во каква состојба е тој, најдобро зборуваше сликата по завршувањето на судскиот процес, на излегување од судница, кога тој постарите жители од селото кои беа присутни редум ги бакнуваше во рака. Тие пак со солзи во очите само одмавнуваа. Стевче го застрела неговиот татко Санде на големиот верски празник Прочка, 27 март годинава.
Според обвинението убиството се случило во 5 часот наутро, откако Санде бил в кревет, неговиот син дошол, ја запалил светилката во собата, старецот се дигнал од креветот по што бил застрелан во левата страна од градниот кош. Тоа го сторил со ловечка пушка марка ИЖ 58 и два патрона. И пушката и патроните се пронајдени во куќата а биле сопственост на старецот. Синот пред психијатарите тврдел дека татко му сака да го затруе, да го убие, му дава отров и затоа решил го убие да се спаси.
Наспроти ова, останува фактот дека тој сакал да го сокрие убиството на татко си а на местото од злочинот немало ниту капка крв. Синот Стевче раскажувал по селото дека неговиот татко го нашол починат во постела. И додека тој ја ширел оваа информација во полицијата и велешката брза помош стигнувале телефонски повици дека не е се чисто. Од увидот е констатирано дека нема ниту капка крв околу местото на старецот. Поради ова на лице место е дојден патолог кој констатирал дека има влезна рана а обдукцијата покажала дека починатиот е застрелан. Клопчето почнало да се одмотува откако дошла сестрата на починатиот од Свети Николе, која започнала да го подготвува за погреб. Нејзе и била сомнителна раната на градите, иако внукот тврдел дека татко му починал од природна смрт. Таа повикала и Брза помош а за настанот била известен и полицијата. Така остатокот од животот, освен ако не му се подобри здравствената состојба па да му се суди за убиство Стевче Тасевски ќе ја мине во Бардовци, каде се наоѓа изминатите месеци, откако го стори делото.
Ова не е прва ваква пресуда во велешкиот суд. Во 2008-та Борислав Ангелов Боката (66 год) беше упатен на психијатриско лекување наместо затвор. Тој ја запали куќата и во неа ја заклучи сопругата со цел да ја убие, но таа се спаси со бегство низ прозорец. Психијатарите констатирале дека тој е непресметлив. Тие за ваквите случаи велата дека лицата кои ги прават се заробеници на сопствениот ум.
- Дејствијата кои сторителите ги вршат во вакви случаи, тие биле под силно влијание на болни идеи и со цел да издејствуваат за нив потребна вистина. Тие имаат нелогични и налудничави идеи, резултат на нивната параноја и трајно душевно заболување – објаснува клинички психолог, судски вештак.
Во селото Иванковци има три убиства на син врз татко изминатите години. Во декември 2008-та син со удар од секира во глава го усмрти таткото. За тоа Роберт Николовски доби 13 години затвор. Пред десет години во истото село Иванковци се случи идентично убиство, син го уби татко си поради тоа што тој ја малтретирал сопругата, односно мајка, му а судот за ова дело го ослободи од вина. Во третиот случај сторителот е прогласен за умоболен.
Tweet |