речник контакт

Бомба во Велес

Бомба кашикара експлодира но среќна околност е што таа не паднала во ресторанот каде било полно гости и детонирала надвор од него.

Петар Печков

Бомба кашикара експлодира но среќна околност е што таа не паднала во ресторанот каде било полно гости и детонирала надвор од него. Настанот се случил во петокот вечерта во Велес, кај ресторанот Булетус ( вид печурка), кој се наоѓа во близина на касарната. Сопствениците велат дека подолго време добивале закани затоа што се албанци и дека малку требало да дојде до вистинска трагедија, бидејќи внатре имало околу дваестина лица, што гости што вработени. - Околу 22,45 часот слушнавме удар во прозорот од кујната а неколку секунди подоцна и силна експлозија. Истрчавме надвор да видиме што се случува и здогледав дете на 12-13 годишна возраст како бега. Кога го стигнав ми кажа дека неколку момчиња кои биле позади локалот избегале по друга улица. Среќни сме што успеавме да останеме живи, каква трагедија ќе се случеше доколку бомбата паднеше во објектот-вели Зија Буши, брат на сопственичката на ресторанот и очевидец на настанот. Според него се започнало петокот попладнето кога кај соседот, исто така албанец, сопственик на автоперална, дошол војник од касарната кој таму работел по договор а поранешен лав, и барал да се исплати некаков долг од 800 денари за маичка од пред три години и тоа за вработен во пералната. Бидејќи тие побарале тој веднаш да го напушти просторот, лицето започнало да се заканува дека ќе фрли бомба и ќе ги иссели. Тие веруваат дека истото лице вечерта дошло да ја исполни заканата. Среќна околност е што рачната бомба удрила на рамката од прозорот на кујната и се одбила назад. Напаѓачот имал само време да се сокрие зад паркиран автомобил застава 101, кој најмногу настрада во случајот и е потполно уништен. Шрапнелите завршиле во блиската зграда. Жителите на улицата 11 Октомври број 26 се вознемирени, бидејќи малку требало да настрада и некој од нив. Делови од бомбата оставиле траги по балконите, фасадата и прозорите од зградата. Сопственичката на ресторанот вели дека крајна цел е тие да го затворат објектот. - Кај нас има гости македонци, албанци, срби, работат во него и пари печалат велешани. Постојано добиваме закани дека ќе не затворат и ќе го исчистат Велес од нас. Верувам дека сторителот на делото е лицето кое претходно се заканувало кон брат ми а вечерта се фалело по кафаните во градот дека ќе фрли бомба-изјави Азиза Џина Кицара сопственичка на ресторанот Булетус и втор човек заменик претседател на ДИУ за Велес, која потсетува дека и пред три години имале сличен инцидент кога топовски удар завршил во дворот на Булетус. Таа ги отфрла како навредливи сите шпекулации дека тие се занимаваат со други дејности освен угостителството. МВР потврди дека имаат тројца сомнителни лица кои се приведени а кај едно од нив се најдени преку 100 куршуми за пушка. Истражниот судија од Основниот суд од Велес изјави дека засега немаат одредено притвор ниту има покренато обвинение против некого за бомбашкиот напад на ресторанот Булетус. СВР Велес продолжува со истрагата за расветлување на случајот.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »