Петар Печков
Објавено: петок, 18 септември 2015
Изминатиот викенд, на 12-ти и 13-ти Септември во организација на Spartan Race Germany се одржаа 3 трки со препреки на Алпите во Тирол, Австрија. На најголемата и најмасовна организација од ваков тип во Европа која траеше цел викенд, во своја сопствена режија настапи и нашиот сограѓанин Марјан Бонев.
На овие трки учествуваа повеќе од 3000 учесници кои ги тестираа своите психо-физички лимити, а Бонев свое учество зема на најтешката трка, под името BEAST, а следниот ден и на втората по тежина, односно SUPER.
На трката BEAST која се карактеризираше со должина од 27 километри, 1300 метри висинско искачување и 35 пешадиски препреки, Бонев го освои високото 5то место со време од 3 часа и 20 минути.
Додека следниот ден на трката SUPER со каракетристки од 15,4 километри должина, 640 метри висинско искачување и 28 пешадиски препреки, Бонев се искачи и на подиумот, односно го освои третото место.
Со овие високи пласмани Бонев обезбеди учество на Светското првенство во Спартан Рејс кое ќе се одржи на 3ти Октомври во Калифорнија, САД.
Tweet |