Петар Печков
Објавено: понеделник, 13 јуни 2011
Секторот за внатрешни работи Велес до Основно јавно обвинителство Велес поднесе Кривична пријава против лицата Е.К. (35) странец со привремен престој во Република Македонија, З.Ј. (50) од Велес- нотар за подрачје на Основен суд Велес, И.Б. (58) од Велес- раководител на регионална регистрациона канцеларија во Велес и О.М. (56) од Штип- раководител на регионална регистрациона канцеларија во Штип, поради основано сомнение дека првопријавениот сторил десет кривични дела „Фалсификување или уништување деловни книги“ , второпријавениот сторил кривично дело „Противзаконско посредување“ и трето и четвртопријавените сториле кривично дело „Несовесно работење во службата“ .
Првопријавениот Е.К. при превземањето на десет фирми- трговски друштва, дал лажна изјава дека не е управител на друга фирма чија сметка е веќе блокирана. Второпријавениот З.Ј. го поттикнал првопријавениот, односно искористувајќи ја својата положба како управител на книговодствено биро за консалтинг услуги, а подоцна како Нотар, незаконски посредувал помеѓу управителите на друштвата и првопријавениот, заради превземање на трговски друштва кои во моментот се со блокирани сметки на име на првопријавениот.
При тоа, му ја изготвувал целокупната документација за превземање и регистрирање на фирмите. Трето и четвртопријавените И.Б. и О.М., иако биле должни да го одбијат уписот на трговските друштва поради недостаток на изјави од претходните управители, му овозможиле на првопријавениот да стане единствен сопственик и управител на повеќе трговски друштва чии сметки се блокирани.
Tweet |