Петар Печков
Објавено: недела, 28 јули 2024
Утрово е регистриран голем помор на риби, на реката Вардар, после населбата Градско. За ова реагирале од Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес.
„Преку рибочуварската служба добивме информација за помор на риби во реката Вардар, кај населбата Градско. Нивниот увид покажал дека кога се излеало езерцето на биоелектраната, водата со фекелиите поминала под мостот на патот Велес – Градско, оттаму преку нива директно во реката Вардар по што е предизвикан поморот“- кажа Даниел Наумоски од ЗСР Бабуна.
Искусните рибари од населба Градско зборуваaт за помор каков што досега не виделе во овој регион.
„Не може да се каже колку риба е угинато, но секако е големо количество. Скобал, утман, мрена, бојник, попадика, клен, или позната како бела риба, плива по површината на водата, и тоа низводно од Градско, неколку километри, додека сом и крап, како потешка иако е угината е при дното и затоа ја нема на површината“- објаснуваат искусните риболовци од велешко.
По пријава за помор на риби во река Вардар, двајца државни инспектори од ДИЖС од Велес и Кавадарци, биле на лице место на увид.
„При увидот утврдено е истекување на многу големи количини течен пост дигестат (ферментирано течно ѓубриво кое се користи за наѓубрување на земјоделски површини), а е производ после завршената анаеробна ферментација во дигесторите за производство на биогас. Овој пост дигестат кој е складиран во бетонски резервоар во кругот на биогасната централа во сопственост на ВАРДАР БИО ПРОЦЕС ДОО Градско, од приемна шахта преку цевовод се складира во земјена лагуна, која е изградена неодамна и е во непосредна близина на земјоделските површини кои се наѓубруваат. Последното полнење на лагуната завршило во текот на ден сабота 27.07 околу 17.00 часот. Според присутните лица при надзорот, во утринските часови на ден 28.07-недела околу 05.20 часот заради попуштање, обрушување на дел од насипот, големи количини пост дигестат завршиле во околните земјоделски површини, но голем дел е истечен и во река Вардар“ – соопштија од Државниот инсепкторат за животна средина (ДИЖС).
Истата состојба бил затекната и на лице место при вршење на надзорот. Дадена била усна наредба за итно ангажирање на механизација и превземање на активности за санирање на насипот на лагуната, кое во попладневните часови веќе и се реализира.
Tweet |