речник контакт

Братот и сестрата доктор Јовановски верни на пациентите во Лозово

Во Иванковци без доктор, во Лозово без аптека, за се во Велес

Петар Печков

Додека повеќето лекари ги заобиколуваат селата и си заминуваат во странство, за среќа на жителите на Лозово, таму се случува обратен пример. За здравјето на овие жители со години успешно се грижат двајца лекари - д-р Сузана Јовановска- Илиева и д-р Слободан Јовановски.

Ординацијата каде што од 7.30 до 20 часот работат овие лекари ја разладуваат клима-уреди, а во истата амбуланта на околу 2.800 жители им се на располагање и лабораторија и стоматолог.

Д-р Сузана Јовановска- Илиева, специјалист по семејна медицина, е матичен лекар на 1.800 жители на Лозово, но не во една или две смени, туку и по 24 часа на ден.

- Се случува и среде ноќ некој пациент да ме разбуди за итна состојба, некогаш нема време ни да стаса возило на Итната помош од Велес или Свети Николе. И дење одиме во домашна посета ако треба, болеста не прашува. Инаку, имаме широка палета на услуги и тоа и од други специјалности, но бидејќи работат земјоделство, жителите најмногу се жалат на дископатии, болки во `рбетот. Често ни доаѓаат и по каснување од инсекти, поради алергии, но и да го контролираат крвниот притисок, шеќерот. Во лабораторијата може да ги направат речиси сите испитувања на крвната слика и на урината и тоа е голема поволност, но лошо е што нема аптека - раскажува д-р Јовановска, која, освен што овие 15-ина години е омилена лекарка во Лозово, е ментор и клучен едукатор на катедрата по семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје.

Таа и нејзиниот брат, д-р Слободан Јовановски, кој е исто така матичен лекар во оваа ординација, вложиле сопствени средства за да ја направат амбулантата пристојно место за пациентите. Многу нивни колеги се чудат на нивната одлука да останат во селото, но д-р Јовановска е децидна: „Определбата да се живее на село не значи дека себе и на семејството им се скратува квалитетен и пристоен живот. Можности за успех во Скопје има, ама останувам во Лозово“.

Пациентите ја ценат оваа одлука.

- Ја будиме и среде ноќ за да ни укаже помош и да ни даде инјекција ако треба. Секогаш помага - вели Надица Начковска, која чекаше за преглед во амбулантата.

Нејзиниот сопруг Стеван е дијабетичар и мора често да го контролира шеќерот во крвта.

- Секој месец мора да одам на контрола кај специјалист во Велес, кој ми дава и препорака за апчиња, па морам да плаќам и по 300 денари за превоз, па назад кај лекарката да ми ги препише апчињата, па повторно за Велес или Свети Николе во аптека. Ми требаат повеќе од 1.000 денари за да дојдам до него зашто немаме аптека во Лозово - алармира Начковски.

Аптеката - проблем

Д-р Јовановска вели дека мора да го почитуваат режимот на препишување лекови на рецепт.

- За некои лекови секој месец ни треба специјалистичко мислење, за некои на три или шест месеци. Такви се правилата од Фондот за здравство и ние ги применуваме - вели д-р Јовановска. Во нејзината и во стоматолошката ординација имаше и контролори од Фондот за здравство, но ние не повлековме нога - тие веќе беа таму кога ние стасавме.

- Д-р Јовановска нема ниту една казна досега ниту некоја поплака од пациент. Само тука проблем за жителите е што нема аптека. Министерството за здравство вети аптеки во сите населени места и очекувам дека така и ќе биде и дека ќе има интерес од фармацевтите - вели Сашо Бошковски, раководител на подрачната единица на Фондот во Свети Николе.

Тоа со нетрпение го очекуваат и 3.000 жители на Лозово, кои се надеваат дека некој фармацевт ќе најде економски интерес и ќе отвори аптека.

Иванковци без лекар

Жителите на Иванковци имаат сини картони, некои веќе извадиле и електронски здравствени картички, но нема каде да ги искористат - речиси две години во селото нема ниту лекар, а аптека не виделе со децении. Може да ја гледаат само некогашната амбуланта, ама тоа одбегнуваат да го прават, пред с`, од превентивни причини зашто погледот на неа дефинитивно може да предизвика хронично влошување на здравствената состојба и кај оние што се здрави како дрен. Во тоа се увери и вашиот репортер.

Обрасната во грмушки и запустена, со катанец на оградата, кога ќе ја видите на влезот во селото, не верувате дека тука некогаш се лекувале луѓе. Наместо стетоскоп, апарат за притисок и љубезен лекар, во поранешната ординација стојат расфрлани неупотребени шприцови и друг медицински материјал.

За апсурдот да биде поголем, децата од ова село пред 10-ина години беа здрава контролна група и им се испитуваше дали имаат тешки метали во крвта, а резултатите се споредуваа со оние на нивните врсници-велешани, кои беа изложени на непосредни загадувања од Топилницата. Сега на 80-ината ученици во локалното училиште „Стојан Борчевски-Бојдан“ нема кој да им прегледа ниту црвено грло ниту дали имаат рамни стапала или искривен `рбет.

Жителите ја откриваат дијагнозата за оваа состојба, која засега околу 800 од нив, колку што брои селото.

- Kој ќе дојде во оваа џунгла - патот е многу лош, со дупки, па кој лекар ќе вози секој ден по 18 километри до Велес или 15 до Лозово? Последниот лекар оттука си замина во Германија пред околу две години, па оттогаш ни е многу тешко - ем нема кој веднаш да ни помогне ем трошоците се огромни и кога за еден преглед или рецепт мора да одиме кај матичен лекар во Велес. Но не се виновни лекарите, до државата е! - се жалат жителите, кои беа собрани сретсело.

Веселка Митрова вели дека и за зголемена температура децата мора да ги носат до Велес.

- Итно ни треба лекар, не може веќе да арчиме пари на автобуси - 60 денари е автобуска карта до Велес, а комбето вози за 300-400 денари - вели Митрова.

Раде Савовски се сеќава на добрите времиња.

- Најдобро ни беше кога во амбулантата работеше д-р Благој Ѓоргов, кој тука и живееше, а ни даваше и лекови и се грижеше за нашето здравје. Сега нема кој... Еве, во март, за жал, ни почина сосед на неполни 50 години. Му се качи притисокот, немаше кој да му помогне, го однесовме во болница, но по четири дена го погребавме. Штета. Можеби човекот ќе беше уште жив да имавме лекар во селото, ќе го стабилизираше тука. Kако возило на Итната помош ќе стаса по ваков пат? - се прашува Савовски.

Некои од жителите и не чекаат веќе лекар во селото, туку избрале матичен лекар во Велес и бараат упати за болницата во Јасеново каде што им прават „генералка“.

- Без проблеми ми дава упат и одам на контрола во Јасеново каде што правам и комплетна крвна слика и други снимања. Имам проблеми со желудникот и со покачен шеќер и морам да се проверувам, не чекам веќе да ни донесат лекар во селото. Но огромен проблем е што немаме аптека - се жали Димче Георгиевски.

На прашањето како тогаш се лекуваат, во Иванковци раскажуваат:

- Со ракија, со масирање со оцет и ракија... Ако амбулантата вака продолжи да зјае празна, ќе мора да се свртиме и кон бајачки и кон надрилекарства..

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »