речник контакт

Браќата Георгиевски виновни за нарачано убиство во селото Ореше

И во повторното судење браќата Ордан и Љупчо Георгиевски добија по 12 години затвор за убиството на Лазо Милошевски (71 год) од велешкото село Ореше.

Петар Печков

Истата казна затвор ја добија и при првото судење, кое Апелација го  поништи и врати назад. При образложувањето на пресудата беше речено дека во повтореното судење немало ниту еден нов момент, ништо ново, нов материјален доказ, кој би влијаел да се донесе поинаква пресуда од првичната, па петчлениот судски совет ги прогласи за виновни и ја изрече таа од 12 години затвор а обвинетите остануваат и натаму во притвор.

Браќата Ордан и Љупчо Георгиевски, мирно ја примија пресудата и сметаат дека целиот овој процес против нив е хајка без докази. На излегувањето од судницата по изрекувањето, дофрлија ,,местенка,,  и ,,судија ќе не носиш на душа,, .

Се е ветер и магла во доказите, само слушнато, ништо видено и докажано. Нема парафински ракавици, без барутни честички на нас, а не прават убијци. Две години  сме во притвор и дури сега обвинителството му текна дека наводната нарачка за убиството не била  за 50 илјади долари, туку 20 илјади. А на наша сметка завршиле 3,5 илјади. Иконата на Св. Ѓоргија  во манастирот во село Ореше е наш сведок, дека таму ги оставивме тие пари и дека не сме убијци – рече во завршниот збор Ордан Георгиевски. Неговиот брат Љупчо само кратко изјави дека тие ниту му го дале, ниту имале право да му го земат животот на старецот.

Судот пресудата ја темели на изјавата на заштитниот сведок,,Бреза,, кој ги посочи браќата Георгиевски како сторители на убиството. Тој сведочеше дека Ѓоре Петровски од САД му се јавил телефонски со цел вечерта кога е сторено убиството, да ја земе пушката од плевната на еден соселанец и да им ја даде на браќата. ,,Бреза,, тоа не го сторил, но затоа по неколку дена добил нов повик, кога Петровски побарал да отиде во дол во близина на Ореше, каде браќата ја фрлиле рамката од пушката со која е пукано и да ја земе. Истата подоцна била пронајдена од полицијата по укажување на заштитниот сведок.

Според обвинението Ордан и Љупчо Георгиевски го усмртиле Лазо Милошевски ( 71 год) на 2-ри декември 2005-тата година, додека тој во неговата куќа подготвувал вечера. Од соседниот двор од триесетина метри растојание околу 20,40 часот биле истрелани два куршуми од кои едниот завршил во Милошевски  и бил фатален за него. Тој е пронајден мртов од соселаните следното утро.

Убиството било извршено по нарачка на македонецот Ѓоре Петровски кој од 1997-ма живее на Флорида во САД заради одмазда. Тој за 20 илјади долари побарал од браќата Георгиевски да го убијат Милошевски, бидејќи во 1995-та Петровски бил застрелан во глава, но преживеал а тој сметал дека на него на железничката станица Орешка чука пукал Милошевски. Осудените браќа  Георгиевски и убиениот Милошевски биле во роднинска врска. Адвокатот на обвинетите со најава за жалба на пресудата.

Во повторното судење не е постапено по ниту една препорака од Апелација. Ниту се докажа дека 20 илјади долари стигнале на сметката на обвинетите, нема листинзи дека тие оствариле телефонски разговор со  наводниот нарачател, нема докази дека биле присутни на местото од каде е пукано. Ова е црн ден за македонското судство. Има многу докази кои укажуваат за можни други сторители – изјави Ѕвонко Давидовиќ бранител на обвинетите.

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »