речник контакт

Брко отиде во пензија

Најпозантиот перач на улици Брко од Нова Година е во пензија. 35 години работа само во трета смена, без делник и празник. 15 години првак на Mакедонија а велешани знаеја и со црепови да го гаѓаат

Петар Печков

Деновиве поштарот ќе биде  Дедо Мраз за семејството Демирови од Велес, кога ќе тропне на вратата од  нивниот скромен дом и ќе ја донесе првата пензија на Халид. Откако тој  мина 35 години на работа во ЈКП Дервен како перач на улица, постојано ноќе, во трета смена, дојде време Брко, како што го знаат велешани, да се одмори. Заслужено за чесно одработениот работен век.
         - Кога сите си легнуваа во десет навечер јас излегував од дома на работа. Кога сите во шест наутро одеа на работа јас се прибирав. Кога тие јадеа јас спиев, кога јас јадев тие спиеја Така од 1976-та година, секој ден, секоја вечер. Тоа беше мојот живот - вели Халид Демиров низ солзи, бидејќи не е навикнат да биде дома.

Тешко му е кога го слуша звукот на цистерната како мине низ градските улици, бидејќи за него тоа беше животот. Секоја вечер да се испразнат по десет цистерни со вода од по осум тона. Математиката вели дека низ неговите раце минале  еден милион тони вода, со кои испрал 120 илјади километри патишта.

Затоа и денес рацете повеќе не го служат како порано, па морал да замине во инвалидска пензија со неговите 59 години возраст.  Започнал да работи по препорака на брат му Неџат од кого го добил првиот совет, да внимава како пере да не ги испрска луѓето кои минуваат. До ова правило се придржувал до пензија, и затоа цели 15 години непрекинато бил првак на Македонија во перење на улица.

Оваа работа е многу прецизна и внимателна, да не се испрскаат минувачите, луѓето кои тогаш шетаат. Ги перев градските улици од центарот на градот Маршал Тито, Благој Ѓорев, Алексо Демниевски Бауман ги знам во педа. Зимоска, кога не перев, ги метев од полноќ до шест на сабајле. Маршал Тито од Сако трејд до Стар мост,  ако нема сообраќај се мине за три – четири часа, но тоа е тешко бидејќи има многу возила.  Една цистерна  има 8 тона се полни за 13 а се празни за 15 минути – вели популарниот Брко.

Помни кога пред дваесетина години постоело и познатото Корзо, тогаш велешани прошетката ја завршувале до 23 часот и било полесно да се перат улиците. Сега во тој термин луѓето започнуваат да шетаат и тешко е да се работи. Тешката и напорна работа,  оставила трага на неговите раце и нозе, кои попуштиле под огромниот притисок на водата од цревото. 

А така секоја вечер од 22 часот до 5 наутро по десет цистерни да се испразнат, од март до октомври, 35 години по ред. Но Халид не се жали, напротив задоволен е од фирмата каде работел и  очекува дека неговите наследници ќе го надминат и ќе бидат подобри. Тоа ќе биде тешка задача за нив, бидејќи 15 пати да се биде најдобар во државава е огромен предизвик, но  бара и бројни откажувања од секојдневните животни обврски и радости.

Имам отидено на неколку свадби, бидејќи немав можност. И тоа  бев присутен по  еден саат, бидејќи во 10 навечер морав на работа. Со мене  носев работнички алишта ќе се облечев и си одев од веселбата. Децата не ги видов како пораснаа од ноќна смена. Жена ми ги израсна.  Преку ден копав лозје, овци стрижев. Се сработив и спечалив со овие две раце – гордо вели Халид.

Има четири деца а сега и внуци, со кои е постојано и  така го надополнува тоа што го пропуштил во животот. За половина ден може да истриже  50 овци, поради што многу луѓе по селата од велешко го познаваат. Колку е карактеристичен со неговите бујни мустаќи, зборува и тоа што во 90-тите  години, од АД Лозар го барале да биде заштитен знак на етикетата за црното велешко вино, но тој незадоволен од финансиската понуда одбил.

Жал ми е за работата што морав да си заминам, но повеќе не можев да го држам цревото рацете. 15 пати  бев државен првак на Македонија за перење улици. Се собиравме во Струга по илјада луѓе доаѓавме комуналци од цела земја. Кога ги гледав не ми се веруваше дека они не переа, туку прскаа со водата, од мене научија како се пере. Миневме одредена должина да ја испереме, да биде чиста, да не ги испрскаме луѓето што се околу и за колку минути. Тоа најдобро го работев и поради тоа станав толку пати државен првак – додава Демиров.

Но освен убавите спомени имало и црни денови во неговата работа. Поради пребрзо возење на шоферите во два наврати бил удрен додека ги перел улиците, па со скршеници завршил во болница по два месеци. Незадоволни од брмчењето на цистерната, некои велешани знаеле да го гаѓаат со јајца, компири, патлиџани, црепови. Дваесетина  млади лица го  имаат нападнато  во центарот од Велес и полицијата едвај го спасила.  И сега кога ќе дојде девет и пол иако е во пензија, инстиктивно се облекува и тргнува на врата, па сопругата мора да го врати. ,,Ако се родам пак ќе бидам перач на улица,, вели на разделба Брко, кого само малкумина велешани не го познаваат.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »