Петар Печков
Објавено: сабота, 03 октомври 2015
Цели 35 години гласот на Буба Мијакова велешани секојдневно го слушаа неколку пати на ден. Таа беше спикерот кој говореше ,,Зборува Радио Титов Велес, зборува радио Титов Велес,,. Во дел од работниот век тоа го говореше во живо, во втората половина нејзиниот глас беше снимен. Како и да е Буба беше поим, синоним за градот, за радиото. Таа заедно со авизото, најавата на локалната радио станица ,,Крвава зора Велес го грее,, им посакуваа прво добар ден, потоа добро утро на велешани и тие што го слушаа овој информативен гласник.
На почетокот, во првите години локалното радио започнуваше со програма напладне и затоа по најавата им посакував добар ден. Потоа со растежот на куќата, со годините, стигнавме до добро утро. Јас тоа во малку наврати го сторив, бидејќи наутро имаше дежурни екипи, тие посакуваа повеќе и почесто добро утро - се присетува Мијакова.
Таа ужива во пензионерските денови, во прошетка со пријателките. Но и гласот и ставата ги здржала како што ја помнат од радиото, ведра расположена со прекрасен вокал и глас,кој остана врежан кај дел од сограѓаните. Таа беше и остана заштитниот знак на Радио Велес. Велешани ја помнат иако е во пензија скоро две децении, од 1996-тата година а радиото не работи осум години. Таа е меѓу првите што е вработена во локалната радио станица. Започнала да работи од летото 1960-та година на само 16 години.
Прва во куќата спикер беше глумицата Љубица Ефремова Вишинова. Таа започна да чита од првите години на постоење на радиото. Тогаш било и аматерски. Повеќе личеше на разгласна станица. Наместо да чукаат со барабанџињата и читаат по улица, се отвори Радио Титов Велес. Тоа беше време на голем ентузијазам, без ништо да се почне и да се создава. По цел ден на работа бев. Од оваа дистанца и сама си се чудам како можев да издржам толку. Ама младост, тоа е - објаснува Мијакова.
Со скромната техника која радиото ја имало, се создавала во прво време програма од четири часа,која потоа растела по содржина и обем. Почетоците се било во живо, се се читало без снимка.
Многу сакав да читам. Македонскиот јазик се обидував да го дотерам до совршенство,се надградував. Не сакав да одам со грешен акцент, лоша дикција, туѓи зборови. Се трудев максимално на слушателите да им го доловам литературниот јазик. ја слушав со внимание Бранка Станковска. Мене во Велес многу ми помогна Тома Леов, тој беше во радиото. Ама имавме помош и од Радио Скопје, доаѓаше Оливера Николова, Ацо Ацев, Борис Мајсторов. Тие ме учеа како да читам, изговарам правилно,како да дишам а слушателот да не препознава. Тогаш многу се говореше македонски. Денес кога гледам на телевизија, македонскиот го заборавија - вели Љупка, која денес има 71 година.
Во почетоците иако млада екипа, без искуство подготвувале и драми, во локалната станица се снимале радио драми. Ги пишувал Петар Трајков, дописникот на Радио Скопје. Текстовите биле љубовни,сентиментални. Ги снимале со техничарот Петре Крајчев. Во нив учествувале и Ацо Станинов, Душко Павлов, кои исто така биле спикери во Радио Велес. Се присетува дека на почетокот програмата започнувала во 14 часот и емитувале до 18. Но и покрај се на работа се доаѓало во 8 наутро. Ако се снимале драми, се останувало до 23 часот, без прашање дали прекувременото ќе се плати.
Беше многу тешко да се чита, бидејќи се беше во живо. Немаше копче во спикерната со кое ќе можеш да се договараш со техничарот во студиото, што и како. Се беше визуелно, со поглед, со очи, со ишарет. Така се договаравме кога јас ќе завршам, ќе престанам да зборувам, кога тој ќе почне со музика. И да внимавам на текстот што го читам. Тоа беа времиња а денешната техника,компјутерот може се да стори - додава Мијакова.
Најтешко и било кога се читале поздравите, желбите и честитки на слушателите. Имало периоди кога велешани, но и жителите од околните села,масовно испраќале музички честитки. Го помни случајот со песната ,,Заброди со сребрената месечина,, која имало и до 150 барања. Таа била толку популарна, што се случувало и час и половина да се читаат сит кои со таа песна посакуваат нешто на некој свој близок. И сите тие треба да се прочитаат, па да се пушти песната.
Се честитаа родендени, свршувачки, бракови, новороденчиња, потоа заминување во војска. Имаше и за купување на коли. Имаше огромен интерес. од тоа радиото се финансираше. Општината нешто даваше ама тоа беше малку. Така беше се до почетокот на 90-тите, потоа опадна интересот за честитки а по некоја година и ги снема. Приватните радија почнаа да емитуваат ако некој телефонски им се јави, на луѓето не им се идеше да дојдат да платат, почна некоја друга филозофија на слушателите и честитките исчезнаа од програмата - вели Буба.
Таа ги читала и вестите. Тие оделе во живо, без снимки. Терминот во 16,30 часот. Првите години радиото бил во зградата на општината во центар на градот, на кровот, кај денешна НА-МА. Под нив работнички Универзитет. Потоа вработените сами подигнале зграда позади Медицински центар. Колку била пионерски работата што ја вршеле, зборуваат и случаите кога техниката од икс причини ќе прекинела. Тогаш Буба пеш од центарот до Којник ќе одела да го викне Благој Арсов Базето, да ја поправи.
Тогаш имавме многу малку плочи. Се беше снимено на летни. И се случуваше за желбите да се бара некоја песна на почеток, па друга во средината на лентата, трата на крајот. Техничарот мораше да ја најде. Затоа јас читав полека за да има тој време. Беше на стари магнетофони, ленташи - вели Мијакова.
Кај постарите велешани таа е позната како ,,наша хроника,, бидејќи во првите години од радиото, вестите така биле насловен. Иако никогаш не водела програма на телевизија, кај возрасните сограѓани, Буба нема некој што не ја знае. Локалното радио било поим и куќа за почит и респект. И денес таа љубов и страст кон ова електронско гласило останало. Додава дека кај нив дома е пуштено 24 часа, си легнува и станува со музиката од него.
Буба Мијакова по потекло е од Којник од семејството Прличкови. Моминското презиме и е токму тоа Прличкова. Нејзиниот татко Киро со актерот Петре се деца од двајца браќа, или први братучеди. Петре и е чичко.
Многу сум горда на моето потекло - задоволно вели таа. Нејзин сопруг пак е Тодор Мијаков, најсестраниот спортист на Велес на 20 век, фудбалер, одбојкар, кошаркар,ракометар.
Tweet |