Петар Печков
Објавено: сабота, 31 март 2012
Трпението ги надмина границите на толеранцијата па станарите од улицата Благој Ѓорев, од броевите 87 до 91 напишаа петиција и побараа нормални услови за живот. Тие реагираат на гласната музика која доаѓа од бројните кафетерии лоцирани во приземјето од овие згради. Поради тоа сон немаат, болни, деца, вработени, старци..
Бараме да ни се овозможат нормални услови за живот, прегласна музика која ја има после полноќ, не овозможува мирен сон. На овој простор од стотина метри има десетина кафетерии и никој од нив не ја почитува регулативата за бучава. Затоа побаравме од локалната власт и од полицијата да застанат на пат на ова самоволие. Тука живеат и спијат деца, стари, болни, вработени кои наутро мора да се будат во 6 за на работа. Надлежните нека решат кој им е поважен, животот на овие семејства или сопствениците на кафетериите. Бараме да се почитува и законската регулатива да нема најлони од просторот кој е узурпиран и да се отстранат масите од зелените површини. Даваме рок до седум дена да се реши овој проблем, кој се таложи со години, во спротивно ние ќе преземеме радикални мерки, па да видиме дали тогаш некој ќе реагира за нашата постапка – велат жителите од зградите спроти Гимназијата.
Според нив овој проблем го чувствуаат околу 600 лица. Тие велат дека со име и презиме пријавувале во полиција заради нарушување на јавниот ред и мир, поради прегласната музика, но од таму или не реагирале или ги препраќале до локалната власт.
Tweet |