речник контакт

ВАЦ пред големи промени

Пред ВАЦ, еден од најголемите европски медиумски концерни, стојат значителни промени. Досегашните сопственички односи треба да се сменат.

Петар Печков

Германските медиуми со денови зборуваат за сума од 500 милиони евра. Имено, толку би требало да чини половина од есенскиот медиумски концерн ВАЦ, кој од наследникот на еден од основачите на компанијата Ерих Брост, има намера да ја откупи другото косопственичко семејство, наследници на вториот основач Јакоб Функе. Со тоа ВАЦ, по 63 години постоење на „рамнотежа“ меѓу сосопственичките семејства Функе и Брост, треба во целост да му припадне на едно семејство.

Враќање на старата слава

Целиот процес го покрена ќерката на покојниот Функе, Петра Гроткамп, која, како што беше порачано преку адвокат, со овој потег сака да основа „јасна сопственичка структура“ внатре во концернот, за да има што поголем успех во иднина „како семејна компанија“. Со други зборови, Гроткамп се надева дека ВАЦ со само еден сопственик ќе стане помобилен и поотпорен на превирањата на глобалниот медиумски пазар.

Имено, до сега сите сопственици требаше да ги одобруваат деловните потези на концернот. Притоа често доаѓаше до судири кои ВАЦ го кочеа во донесувањето на важни одлуки. Со консолидирање на сопственичката структура на ВАЦ, како што пишува Менаџер Магазин, „конечно повторно ќе заигра поважна улога на национално ниво“.
 
Службено не се зборува за расправиите меѓу двете наследнички семејства, но факт е дека ВАЦ во последно време доживеа неколку деловни падови, кои очигледно кај едните сопственици предизвика аларм за тревога. Групата ВАЦ лани оствари профит од 1,1 милијарда евра, но во 2009 профитот беше за 200 милиони евра поголем.

Серијата неуспешни деловни потези кои во последно време го следат ВАЦ е поголема. Најавеното купување на групата „Про Зибен/Сат1“ падна во вода, исто како и најавеното купување на влијателниот надрегионален весник „Зидојче Цајтунг“. За неостварувањето на овие проекти со кои ВАЦ ќе ја зацврстеше својата позиција на најголемиот европски пазар, набљудувачите вината ја фрлаат на неслогата меѓу сопствениците.

Покрај тоа и фондацијата ВАЦ е во нагол пад. Со тоа посебно е погоден регионот на Рурската област, во која ВАЦ до сега бил неприкосновен носител на пазарот на локални весници.

Проблеми дома и во странство

И експанзијата во странство не носеше само позитивни наслови. Уделот во моќниот австриски таблоид „Кронен Цајтунг“, донесе само негативни медиумски одеци и постојани судири со австриските сопственици. На германскиот медиумски простор одекна веста и за повлекување на ВАЦ од српскиот медиумски пазар. ВАЦ се уште работи во Романија и Бугарија, а во Хрватска е активен со 49 отсто удел во „Еуропапрес Холдинг“.

Деловните неуспеси ги натераа некои набљудувачи внатре во медиумската бранша, да ја коментираат продажната цена која од 500 милиони евра за 50 отсто удел, се чини дека не е реална. - Цената од 500 милиони сметам дека е прениск“, рече за дневникот „Тагесцајтунг“, Хорст Рупер, еден од добрите познавачи на издавачкиот пазар во Германија. Тој смета дека состојбата во ВАЦ е полоша отколку што се мисли, а тоа го оправдува ниската цена.

Промените во сопственичкиот состав, кое како што оценуваат германските медиуми, веќе е завршена работа, ќе влијае и на промена во оперативното водство на концернот. Поранешниот шеф на кабинетот на канцеларот Герхард Шредер и од 2002 година директор на ВАЦ, Бодо Хомбах, веќе преговара за отпремнина, па така по девет години ќе го напушти концернот од Есен.

Хомбах на чело на ВАЦ беше поставен од семејството Брост. Другиот директор, кој во оперативното водство го претставува семејството Функе, е Кристијан Најнхаус. За сега не е јасно дали Најнхаус ќе остане на својата позиција.

Идеолошка рамнотежа

Друг важен принцип кој со продажбата на уделот на семејството Брост може да падне во вода е и принципот на политичка рамнотежа. Со оглед дека двајцата основачи на ВАЦ припаѓаат на различни политички табори, Функе на демохристијанскиот, а Брост на социјалдемократскиот, па идеолошката определеност на концернот секогаш била изедначена, што гарантираше и рамноправна улога на двајцата директори Хомбах и Ниенхаус.

Со излегувањето на социјалдемократската струја од сопственичката структура, ВАЦ може да отплови во конзервативни води. Но, како што оценуваат експертите, ново-старите сопственици на почеток не би се занимавале со идеолошки прашања, туку исклучиво со деловни.

Откако Петра Гроткамп, која моментно има 16,7 отсто удел во ВАЦ, ќе го исплати семејството Брост, и претстои голема борба внатре во сопственото семејство. Портпаролот на семејството Функе, Клаус Шубрис најави дека семејството Функе, наспроти тоа што Петра Гроткамп, зад чии одлуки се сомнева дека стои нејзиниот сопруг и долгогодишен директор на ВАЦ Гинтер, ќе стане сопственичка на 66,7 отсто удел, ќе ја задржи досегашната пракса за донесување на одлуки, според која и преостанатите членови на семејството Функе и понатаму ќе имаат право на вето.

Во принцип остатокот од семејството Функе нема ништо против промена во сопственичката структура, бидејќи смета дека тоа „позитивно ќе влијае на компанијата“. Под тоа се подразбира „преиспитување на сопственоста и уделот“, во компании кои не припаѓаат на матицата. Исто така се очекува дека ќе настапи процес на „слабеење“ на концернот што може да значи повлекување на есенската компанија од многу активности како во странство така и дома, и повторно концентрирање на изворната преокупација на медиумскиот концерн од Есен, а тоа е издаваштво на регионали и локални весници.

текстот е преземен од Дојче веле - Берлин

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »