Петар Печков
Објавено: понеделник, 17 јуни 2024
ВМРО-ДПМНЕ го славеше 34 роденден во велешки театар. Лидерот Христијан Мицкоски, иден мандарот на владата испрати повеќе пораки, од говорницата. Свеченоста беше насловена „34 години ВМРО-ДПМНЕ, 131 година ВМРО, завет, слобода, иднина, продолжуваме“.
„Никој од овде во салата не смее да застрани. Немаме сто дена, ниту грејс период. Не може никој од вас да има приватни бизнисни и да води институции. Не смеете, да останете недостапни за граѓаните. Побара работа, чесност, исполнителност, транспарентност“ -порача Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека нема да дозволи неговата партија да стане тоа што бил СДСМ ниту, пак, неговиот албански коалициски партнер „Вреди“ да стане како ДУИ.
„Македонија е заедничка држава и сѐ додека албанските партнери работат според закон и во интерес на државата, ќе бидеме еднакви партнери во владата. Ако кој било застрани со криминални или други агенди, ќе биде санкциониран, вклучително и од нашата партија. Нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ да стане тоа што беше СДСМ, ниту ќе дозволам ‘Вреди’ да стане тоа што беше ДУИ“- кажа Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека и покрај разликите со СДСМ и другите партии, тој ќе работи на градење на единствени државни позиции за стратешките прашања за земјата.
„Им подавам рака за македонско национално единство“ – рече Мицкоски.
Пред функционерите и членовите на партијата на свеченоста во Велес, рече дека нема негови фотографии во просториите на партијата, како што има на неговите претходници.
Истакна дека како премиер ќе се бори за остварување на стратешките цели како што се членството во Европската Унија и добрите релации кон стратешките партнери, дека нема да подлегнува на темите кои разединуваат и дека ќе се фокусира на проблемите и сиромаштијата на граѓаните.
„Нема од мене да видите двојни стандарди. Ќе се однесувам согласно Уставот и законите на државата. Денес 600 илјади луѓе живеат со 150 денари на ден. И денес над 50 илјади се надвор од образовниот процес. Денес земјоделците имаат проблеми. Учениците завршија учебна година без учебници. Во здравството постои хаос, во болниците се умира чекајќи лекови. Ова се проблемите кои мора да ги решаваме и за кои вистински нѐ гласаше народот. Нема да подлегнуваме на темите кои нѐ разединуваат и нѐ оддалечуваат“ рече Мицкоски.
Tweet |