Петар Печков
Објавено: петок, 18 март 2016
На денешната посета на лидерот на СДСМ на Велес реагираа од ОК на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека Зоран Заев не е пожелен во Велес поради сите лаги и нереализирани ветувања на СДСМ во градот.
Велешани најмногу пропатија од деструктивната политика на СДСМ. Лагите и пустошот што зад себе го оставија во 20 годишното владеење повеќе не поминуваат во нашиот град. Бранко Црвенковски, Радмила Шеќеринска и Зоран Заев се минато за Велес. Граѓаните знаат и добро паметат дека Велес во времето на СДСМ од град на индустријата стана град на невработеноста и сиромаштијата. СДСМ ги распарчи најголемите фабрики во градот и остави илјадници наши сограѓани без работа.
Рекордни 16.912 невработени лица остави СДСМ во Велес. Народот се сеќава како СДСМ ја пропадна фабриката Порцеланка и ги тепаше работниците само затоа што си ги бараа сопствените плати. Народот се сеќава и на уништувањето на фабриките Свилара, Лозар, Брако, Графичар, ВелесПром, Интернационал, Транс Велес, ХИВ, ГП Бетон, ГП Пелагонија и ГП Младост.
Велешани се сеќаваат и на бизнис дружбата на Зоран Заев со Киро Камчев кога заедно го имаа мнозинскиот пакет акции во фабриката Киро Ќучук и со години се поигруваа со судбината на вработените во фабриката - изјави Петре Саздов на прес конференцијата, пред посетата на Заев на Велес.
Tweet |