Петар Печков
Објавено: среда, 27 февруари 2013
Надојдениот Вардар поплави плодно земјиште во реонот на Речани. Повеќе хектари засадени со рано градинарски култури се под вода. Пластениците наместо со расад, се полни со тиња. Велешани стравуваат дека нема ништо да добијат од пролетните култури, дека дури наесен ќе можат нешто да продадат и заработат. Се жалат дека ништо немаат добиено од ветеното обесштетување за минатите години а не можат ниту да се осигурат.
Имам шест илјади метри квадратни под пластеници, од зелка, пиперки, домати, брокули. Сега се е под вода. Сета мака и труд ни отидоа по Вардар. Ова не е прв пат, така беше и 2010-тата. Тогаш ни ветуваа дека ќе не обесштетат, ама ни денар не добивме. Колку пати јавно сум зборувал , на де места во Вардар, кај Бентот и кај Детското има големи камења, нешто што останало од дамина, мост ли било или што. Треба преку лето, кога Вардар е мал да се отстранат. Тие создаваат препреки и затоа Вардар не поплавува – вели Андреја Оцедов.
Тој со неговиот син, сопругата се обидуваа со мотор да ја испумпаат водата, која ги поплавила родните површини. Се надеваат дека ќе успеат нешто да спасат. Во соседството е семејството Караколеви и тие се познати кај велешани како одгледувачи на рано градинарски култури. И тие ја црпеа водата, но од нивната куќа. Ја имаше и по нивите.
Ни велат осигурете се и ќе добиете оштета. Кај да се осигурам, кога каде и да отидам кога ќе дознаат дека сме покрај Вардар одма муабетот завршува. За оваа поплава мислам дека грешката е до браните, кој ноќеска убеден сум ја пуштиле водата од вештачките езера. Како тоа кога 24 часа не врнеше дожд, го немаше во тетовско, гостиварско а Вардар да биде толку висок. Ќе ја тужиме државата, сопствениците на браната. Да ја пуштаа водата на одреден период, а не вака наеднаш – вели Александар Караколев.
И тој како и останатите велешки земјоделци го чека обесштетувањето од поплавите во декември 2010-таа година. Но не се тие единствени. Не се обесштетени ниту граѓаните од поројот кој му се случи летото 2008-та, поројот во 2009-тата и сите подоцнежни невремиња кои се случуваа секоја година.
Tweet |