Петар Печков
Објавено: вторник, 06 ноември 2018
На 30 октомври годинава, од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање до Општина Велес било доставено Барање за добивање на А-интегрирана еколошка дозвола за КАМЕНОЛОМ ТЕХНО ПАВЕР ДООЕЛ увоз-извоз Скопје во населба Превалец, Велес. Со ова локалните власти сметаат дека се потврдува нивната информација дека Варницата работи без дозвола но и ја загадува животната средина во населбите Тунел и Превалец.
Мојата оценка и оценката на стручните служби е дека таа инсталација работи бесправно и сериозно ја нарушува животната средина и течението на река Тополка. Со постапката за добивање на ,,А,, интегрирана дозвола, Министерството за животна средина е должно барањето да го објави на својата интернет страница, со цел јавноста да има увид во неговата содржината. Тоа за жал не е сторено од страна на надлежниот орган- изјави градоначалникот Аце Коцевски.
Затоа Општина Велес го објави Барањето за добивање на А-интегрирана еколошка дозвола во целост на нивната веб страница, а со цел јавноста да има целосен увид во него. Како засегната странка во оваа постапка и по реакциите за загадувањето и детонациите од оваа инсталација кои изминатиот период доаѓаат од граѓаните, како и побелувањето на реката Тополка, општината побара јавна расправа.
Како Градоначалник на Општина Велес а согласно Законот за животната средина, испратив барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за организирање на јавна расправа од страна на инвеститорот во просториите на општината, на која ќе ги отвориме сите прашања за работата на инсталацијата и сите проблеми кои нејзината работа ги предизвикува за граѓаните. Не сакаме капацитетот да се затвори, туку да работи согласно законските прописи и здравата животна средина -дополни Коцевски.
Tweet |