речник контакт

Василица вековна традиција на велешките занаетчии (фото)

Денес празнуваат сите кои работат со железо. Се додека се гради има потреба од мајстори - вели кумот Николче Тодоров

Петар Печков

Велес отсекогаш бил град на занаетите и занаетчиите. Традицијата на нивното собирање не е прекината ниту по еден век на другарување и забава. Некои занаети одумирале, други се раѓале а занаетчиите од градот секогаш се дружеле.  Така е и секоја Василица, кога се собираат занаетчиите кои работат со железо. Така беше и годинава. Прво во Манастирот Св. Димитрија а потоа во ресторан Глориус околу 170 занаетчии од Велес се дружеа и забавуваа. Кум, домаќин на годинашната манифестација беше  Николче Тодоров, кој се бави со ролетарство. Тој лани на завршетокот од забавата доброволно се пријавил за домаќин на годишната манифестација.

Празнувањето на Василица е наш празник, на занаетчиите кои се бават со работа со железо. Денес тука има авто механичари, бравари, електричари, лимари, мајстори со пвц. Јас работам со алуминиумски ролетни, спаѓам во оваа бранша. Се додека се гради куќа, зграда, има потреба од мајстори. Прво  одиме на Манастир, како што било од века. Се носи леб, погача, попот го пее. Кога ќе  завршиме се собираме тука  и прославуваме – вели  кумот Николче со прекар Туткалот.

Тој со ролетарство се бави четири години а претходно според  доходовноста сменил во две децениската работа и неколку други занаети.  Меѓу гостите беше и најстариот мајстор во Велес 86-годишниот Кире Џунџев. Тој  е дреар. Цел живот , од 14 годишна возраст му го посветил на овој занает. Вели дека ова е вековна традиција во Велес, да се собираат мајсторите кои работат со железо иако останале уште малку ковачи, лимари, тенеќичии. 

Како дете ме испратија `46-та да одам за Полска, таму да учам, две деца бевме. Соученичкот Боре Матев замина во Америка и таму има фабрика. Учевме две години, па се скаравме со Русите`48 се дообразувавме во фабриката ТАМ во Марибор. Мајстори ни беа Германци, инженери кои не научија на овој занает. Работев во Брако, Киро Ќуќук, работев и дома на дребунг.  Работам и денес, со овој занает одгледав фамилија, деца израснав а жално е што денес младиве не сакаат да  учат. Една мајка го нема донесено детето да рече научи го, нека знае занает.   А работа има, на кого ќе ги оставам алатите - со тага се потсетува Џунџев.   

Новото време раѓа нови занаети, имаше мајстор кој поправа  турбо компресори, кој ги има во новите модели автомобили. 

фотографии студио МС

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »