Петар Печков
Објавено: понеделник, 15 март 2021
И лицата со попреченост да добијат ваучери од Владата за поддршка, побара на денешната прес конференција Далиборка Златева, од Здружението на лица со церебрална парализа од Велес. Тие досега не биле опфатени со ниту еден пакет мерки за финансиска помош, а бараат ваучер за набавка на лекови, здрава храна и хигиенски материјал, како и ваучер за рехабилитација, рекреација и одмор. И двата би биле во висина од по шест илјади денари.
„Никој во период од една година, не помисли на категоријата лица со попреченост, што е поразително. Тие и без присуството на коронавирусот живеат во еден поинаков свет кој секојдневно им носи карантин, потреба од витамини, специјализирана храна, потреба од рехабилитација и рекреација. Во услови кога целиот свет живее во стегите на пандемијата, децата и лицата со попреченост тоа го чувствуваат двојно“ - кажа Златева.
Барањата на велешкото здружението, биле поддржани и од три други здруженија, „Доза среќа“, „Соѕвездие“ и „Пркос“ сите од Скопје. Тие исто така работеле со лица со попреченост.
На прес конференцијата Златева ги актуализираше и десетина година старите барања за промена на законската регулатива на животот на лицата со попреченост. Тие се однесуваат на здравствената, социјалната и пензиска законската регулатива.
„Бараме бесплатно здравство за сите лица со попреченост без ограничување во старосната возраст, бесплатен престој на придружникот на лице со попреченост во период на хоспитализација, намалување на периодот од пет години за обнова на ново ортопедско помагало и моделирање според потребите на корисникот со што ќе се влијае на мобилноста и функционалноста, зголемување на износот на додатоците за нега,, мобилност и попреченост - вкупниот износ за секое дете и лице да не биде под 200 евра, во зависност од тежината на попреченоста да се зголеминува над овој износ, воведување на категоријата родител неговател за најтешките случаи на деца и лица со попреченост, по моделот од Хрватска, Германија, Шведска, изедначување на висината на социјалните додатоци на згрижувачките семејства и биолошките семејства“ - рече Златева.
Tweet |