Петар Печков
Објавено: среда, 06 јуни 2012
И најмал дожд за велешани предизвикува големи проблеми а секој пообемен и поснажен порој е елементарна непогода. Поплавени улици, затнати одводни шахти, шут и смет по јавните површини, тоа е вообичаена слика по секое невреме во Велес. Поради конфигурацијата на теренот, ридестата местоположба, четириесетина илјади жители имаат идентичена мака, од водата од дождот која надоаѓа. Без оглед во кој дел од Велес живеат, малата пропусна моќ на одводната атмосферската канализација е мака за сите, за тие од пониските делови нанесениот шут а, за тие од повисоките делови водата која носи се пред себе.
Секој пороен дожд значи поплавени домови и подруми, стотици кубни метри шут и смет, заглавени автомобили во големите водни површини. Во овој период Велес е како Венеција, само со чамец може човек да се движи по улиците. Затоа ова е примарна задача кој треба да се решава, зедно со пречистетилната станица за отпадните води и колекторскиот систем. Без ова нема влез ниту во ЕУ, тоа е јасно. Кога тогаш овој проблем ќе се актуализира, што порано тоа подобро – вели архитект од градот.
Жителите од стариот дел посочуваат дека при секој обилеn дожд куќите во приземјето се поплавени. Во новиот дел на улицата 11 Октомври, од каде доаѓа водата од населбата Тунел не можат со часови да излезат од дома. За илустрација последните две и пол години во неколкуте поплави по обилните врнежи, државата и градот мораа да одвојат стотици илјади евра за санирање и обештегување на граѓаните.
Затоа стручњаците сметаат дека е најдобро да се вложи во реализација на еден ваков систем во Велес, кој за неколку години финансиски ќе се врати. Обидот да се решат отпадните води и канализацијата кои директно се влеваат во Вардар, преку колекторски ситем и пречистетлна станица, пред некоја година пропаднаа бидејќи за негово решавање треба многу пари а градот е поделен на два дела и треба да се градат два паралелни системи, за левата и десната страна од градот.
Тоа требаше да се случи со кредит од Португалија, но целата работа се изјалови, иако странците подолго време работеа на проектот. Но едно биле работите на хартија, кога дошле во Велес виделе дека има непремостлива препрека, градот е распослан на два брега а странците правеле пресметка без крчмар, само за едната страна. Локалната власт објаснува дека ова е тешка задача за решавање, но тие преземаат мерки поединечно да ја санираат состојбата.
Само за изработка на студија за решавање на атмосферската канализација изнесува стотина илјади евра. Ова е тежок проблем кој се случува поради конфигурацијата на теренот, и крајно е лош за решавање. Имаме терен чие подрачје се слева на три главни градски улици Благој Ѓорев, 8-ми септември и Алексо Демниевски Бауман. На дел од нив имаме изведено посебна атмосферска канализација, додека останатиот е заедно со постојната фекална канализација, што не е дозволиво. Прашањето на атмосферската канализација со својот општински Буџет не може да го решаваме наеднаш. Но затоа работиме парцијално да се реши овој проблем. Ќе се обидеме сливното подрачје да биде разбиено, целата водата да се прифаќа претходно а не таа да доаѓа на главните градски улици. Лани изградивме десетина поситни зафати на некои улици а годинава продолжиме и на други улици. Ова е прашање за чие решавање ќе биде потребно повеќе пари, отколку за изградба на фекална канализација во градот – вели градоначалникот Горан Петров, кој по професија е и градежен инженер.
Поројот при обемен дожд тече низ куќите
Не е никавка шега а сеуште се прераскажува досетливоста на еден сограѓанин кој живее во близина на свлечиштето Рамина. Тој за да се спаси од поројот, при секој ваков дожд ги отвара вратите од домот, за да може низ неговата куќа реката вода да мине низ собите па така не му ги уништува темелите на живеалиштето. Кај неговиот сосед во задниот дел од куќата водата се собира и тој при секое невреме има природен базен.
Tweet |