Петар Печков
Објавено: среда, 29 декември 2010
Велешани за да се снабдат со најновите и актуелни книги мора да патуваат до Скопје и од таму да ги купат делта кои ги бараат или им се потребни. Причина за ова необично патување е што веќе петнаесет години во Велес нема книжарница, кога последната на ,,Култура,, беше затворена а деловниот простор продаден. Иста судбина претходно ја снајде и ,,Македонско дело,,. На нивно место денес има аптеки.
Градот долго време духовно е сиромашен поради тоа што нема книжарница. Кога имам потреба одам во Скопје и од таму ги набавувам потребните актуелни книги. Наместо менталното здравје да се одржува со читање, велешани се лекуваат со апчиња. Некогашните книжарници сега се аптеки, тие се доходовни, книгата не е – вели Светлана Ничовска голем љубител на пишаниот збор, која не жали средства за да ги купи најновите изданија.
Велешани се горди на фактот што во нивниот град Ангелко Палашев, прибирал книги и го основал првото читалиште во 1832 година, со што се ставени темелите на првата библиотека во Велес и воопшто во Македонија. Но денес состојбата е променета и ова е голем минус за градот, кој се гордее со својата културна традиција.
За жал градот на поезијата, културата со голема традиција да нема книжарница е тажно. Читателите се осиромашени со можноста да купат книга и затоа двата Саеми се добредојдени да бидеме во тек со актуелното издаваштво. Се чувствува потреба и овој град да го сочува името и достоинството мора да има книжарница – вели поетесата Македонка Јанчевска.
Саемот на книгата го организира Градската библиотека, два пати годишно во текот на Рациновите средби во лето и пред Нова година. Тука велешани можат да се снабдат со актуелни изданија. Саемот покажува дека му е потребни на градот и е традиционална манифестација која се одржува по 15-ти пат. Десетина издавачи од земјава понудија околу илјада наслови од сите жанрови, по популарни цени, некои и со попуст и до 50 отсто.
Досега немаше соодветна локација каде би можело да отвориме книжарница. Се бара висока наемнина за просторот, кој тешко би се покрил од остварениот приход. На овие манифестации Саемите на книгата има интерес од велешани за нашите изданија, ги купуваат книгите, но треба да се најде простор во центарот на градот за да може да се отвори книжарница. Велес е град со богата историска културна и општествена дејност и личности кои оставиле длабоки траги во македонската култура, но за жал книжарници нема и во други поголеми македонски градови – вели Никола Павлевски од издавачката куќа Матица Македонска.
Tweet |