речник контакт

Велес ги чува спомените за Солунските атентатори

Огледалото што стоело во берберницата на гемиџиите во Солун сега се наоѓа во домот на Киро Вангелов во Велес.

Петар Печков

Огледалото што стоело во берберницата на гемиџиите во Солун сега се наоѓа во домот на Киро Вангелов во Велес. Тоа го тврди сопственикот на куќата, чија баба Рајна му била снаа на еден од солунските атентатори, Владо Пингов. Неодамна, по истражувањето на Никифор Смилевски, Вангелов открил и фотографија од Пингов за кого досега немало оставен документ.

- Огледалото потекнува од берберницата на гемиџиите во Солун што тие ја изнајмиле за да ископаат тунел кон Отоманската банка. Огледалото го купиле и некое време го употребувале. Владо Пингов потекнува од берберско семејство, но тој самиот немал многу осет за занаетот. Во зимата 1903 година при една посета на Велес, на неговата снаа Рајна, од постариот брат Ѓошо, и го подарил огледалото заедно со еден колан - раскажува Вангелов, кој се сеќава по раскажувањата на баба му Рајна. Таа му пренела и други интересни настани од подготовките за солунските атентати. Внукот Киро до денес љубоморно и со гордост го чува огледалото. Тоа е одлично вклопено во амбиентот на куќата во центарот на Велес, која ги има сите елементи на старата велешка архитектура. Во неа има и други обележја од минатото на ова семејство. Меѓу нив се семејните фотографии. На една од нив е и гемиџијата Владо Пингов.  

- За него се сметаше дека не оставил ништо што ќе потсетува на неговиот лик. Но, по подолги истражувања со Никифор Смилевски, заклучивме дека на една од нив се наоѓа и тој. Тоа е единствената фотографија со неговиот лик што засега е достапна на јавноста - вели Вангелов. Владо Пингов имал само 20 години кога загинал во солунските атентати, пролетта 1903 година. Тогаш групата гемиџии што се наоѓале на школување во Солун кренале во воздух повеќе значајни објекти за да го привлечат вниманието на европската јавност кон македонскиот народ, кој се уште бил под турско ропство. Во тие акции, освен гемиџиите, немало други жртви.

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »