речник контакт

Велес ден по потопот

Саботното невреме го парализираше животот на Велес следниот ден во неделата. Затрупани улици со земја и камења, недостаток на струја и леб беа дел од тешкотиите со кои се судрија шеесетина илјади жители во поширокиот круг на велешко.

Петар Печков

     Поради проблеми со трафостаницата Дуброво без струја целата општина остана од 11,30 до 13 часот, соопштија од МЕПСО. Малото количество на леб придонесе тоа да се продаде уште рано утрото а истиот да не биде дистрибуиран во околината на градот. Залудно граѓаните одеа од продавница до продавница да купат векна леб, кога таа ја немаше. Жито Вардар како најголем производител вината ја гледа во помалите приватни пекари.

Количеството кое го произведуваме в недела го испековме и овој пат и се што се сработи до 6 часот, до кога работиме, се најде на пазарот. Вината за недостатокот на леб е во малите пекари кои не го сработија нивниот дел – велат од АД Жито Вардар. 

Помалите произведувачи на леб пак со објаснување дека недостатокот на струја не им дозволил да ги испечат планираните количества и тие не понудиле леб на пазарот, што резултираше со негов  недостиг, па велешани  мораа купуваат и бајат со постар датум на производство.

Невремето ги оштети земјоделските површини во селото Иванковци, во Чашка каде градот ја уништи годинашнава реколта во повеќе земјоделски  култури, тутунот, пченицата, лозјето, доматите, пиперките. Освен недостатокот на струја, поради големото количество на дожд кој падна во саботата навечер тој поплави повеќе продавници и водата носеше земја, шут и камења кои го парализираа сообраќајот во градот.

Десетина автомобили се оштетени од надојдената вода. Во реонот на Дервенскиот поток илустративна е случката на еден велешанец, кој си го бараше неговото југо. Не знаеше дали водата го однела или пак е покриено со наноси од земја. Семејството Попови сеуште не ги санирало последиците од ланската поплава во август а веќе доживеа нова.

За вакви случаи подготвени сме со вреќи песок кои ги поставивме на влезот од куќата, но брзакот ги однесе. Се ми е уништено, бидејќи на приземје вода имаше до еден метар височина.  Лани на 13 август исто така имавме поплава, па купивме нови фрижидер, шпорет но сега се повторно неупотребливи. Сеуште не ги добивме ланските пари кои Владата ни ги вети како обештетување за штетата, а веќе имаме нови – вели Марина Попова.

Нејзината сосетка  Ленче Тонева се жали од суводолицата која ја собирала водата од блискиот рид Св.Илија. Поради наносот од земја нивниот дом е блокиран не можат да излезат од дома а имаат сериозно болен на кого секој ден му е потребна здравствена интервенција. Невремето  го остави реонот на Азот без струја 20-тина часови. Во Велес поради громовите  и електричните празнења во многу домови прегореа и оштетени се дел од домашните апарати.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »