Петар Печков
Објавено: четврток, 20 септември 2018
Велес доби Дневен центар за децата со попреченост. Тука се згрижени деца на возраст до 18 години, додека во соседството е Дневен центар за лицата со попреченост каде има 20-тина лица со возраст над 26 години. Со ова се заокружува процесот на згрижување на сите лица со попреченост во поширокиот велешки регион.
Отворањето на овој центар е голема помош пред се за родителите на дечињата. Тука тие се згрижени, добиваат нега, искрана, имаме организиран бесплатен превоз од и до дома. Децата се тука од 8 до 15 часот за кое време нивните родители можат да одат на работа или да ги завршат нивните обврски, да бидат ослободени од грижата за тие 8 часа кон децата - рече Азиза Џини директорката на Центарот за социјални грижи во Велес.
Во него засега се згрижени шест деца, сите на возраст од околу 5-6 години. Имало интерес за доаѓање и на две деца од селото Каласлари, но поради должината на превозот тие засега не биле корисници.
Конечно го ставаме во функција Дневниот центар за деца со попреченост. Имаме кадар, имаме деца кои се згрижени. Оти ако добро се сеќавате тука пред некоја година се отвори центар за лица со оштетен вид. Но ниту имаше кадар, ниту во Велес имале лица на кои им се обраќаше и не профункционира. Ние работиме на создавање на социјални услуги на локално ниво, оти само така може да се подигне квалитетот на живеење. Така создаваме инклузија на овие деца, кои не одат во градинка, на училиште - рече министерката за труд и социјала Мила Царовска.
Благодарност до министерката Царовска за сите постапки кои ги презема за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните. Се надевам дека во наредниот период ќе се најдат нови форми на подберување на животот на различни целни групи и граѓани на кои тоа им е потребно - рече градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Во Центарот вработени се психолог, дефектолог и медицинска сестра.
Tweet |