Петар Печков
Објавено: четврток, 09 ноември 2023
Велес доби нов современ покриен пазар, кој беше предаден за користење на Денот на општината 9 Ноември. Свечениот чин, сечењето на црвената лента го сторија актуелниот градоначалник Марко Колев и двајцата претходници Аце Коцевски и Славчо Чадиев, како и Снежана Дервишова, инжинерот кој трите години беше задолжена за активностите за изградбата.
„Отвораме капитален објект, кој беше долго време потребен и на граѓаните и на продавачите. Тој долго време се работеше. Посакувам овој објект да го чуваме, граѓаните да можат да го користат, продавачите да се чувствуваат пријатно, безбедно и заштитено“ - кажа градоначалникот Марко Колев.
Тој ги покани на свеченост претходни градоначалници Коцевски и Чадиев, за кои рече имаат заслуга за постоењето на објектот. Колев се заблагодари за нивниот ангажман во започнувањето и реализацијата.
Градоначалникот изрази благодарност и до Владата која издвои 40 милиони денари, средства со кои се градеше горниот дел од пазарот, како и до Светка банка за одобрениот кредит.
Покриениот градски пазар е најголема инвестиција на локалната власт во Велес, изминатите 30 години, од осамостојувањето на Македонија. Градежната парцела опфаќа 4.172 квадратни метри, од кои 3,4 илјади м2 се површина наменети за продажба. Поставени се 310 тезги за овошје, зеленчук, текстил, железарии и цвеќе. Во засебни простории се продаваат сирење и јајца. Поради големиот број на продавачи на зеленчук и овошје, дел од нив ќе биде распределен и на горниот дел, каде ќе се продава текстил, железарии, цвеќе.
„За мене овој пазар е најголем регионален пазар во Вардарскиот регион. Се надевам и очекувам дека ќе се чувствуваме покомотни при посетата како купувачи, така и за продавачите“ - рече Чадиев.
„Мило ми е што се заврши овој проект. Благодарност до членовите на Советот од мандатот кога бев градоначалник, кои го донесоа ДУП-от за да може објектот да се гради. Кога ги баравме парите за финансирање, настапувавме со тезата дека тука не продаваат само земјоделци од велешко, туку и од струмичко, кочанско. Им посакувам на сите продавачи и купувачи, не само од Велес, туку и од регионот успешна работа и нека се случуваат убави нешта“ - кажа Коцевски.
„Динамиката на градењето беше побавна од тоа што беше предвидено, процесот се оддолжи, поради каснењето на изведувачите. Горниот дел кој го изведуваше „Бауер БГ“ задоцни една година за што му беше наплатена казна од 1,7 милиони денари додека долниот дел го градеше „БВ инженеринг“ кој доцнеше девет месеци за што му беше платена вредност од 4,8 милини денари помалку од договорената. Така покриениот Градски пазар го добивме поевтино за 6,3 милиони денари“ - кажа Снежана Дервишова од одделението за комунални работи..
Градскиот пазар се градеше во две фази. Од Владата беа обезбедени 40 милиони денари со кои исплати горниот дел од пазарот а преостанатите 7 милиони се пренаменија за изградба на долниот дел од пазарот.
Кај Светска банка Општина Велес се задолжи за 30,4 милиони денари. (зошто кредитот од 50 милиони се намали на 30 милиони денари з.а.)
Градоначалникот Колев најави дека нема да се дозволи повеќе продавање на роба надвор од пазарот, ниту поставување на дополнителни тезги внатре во објектот.
„Периодот на толеранција заврши. Кога имаме ваков објект, имаме нов паркинг, сите продавачи од надвор треба да се приберат внатре. Имаме простор сите да ги внесеме. Хаосот пред пазарот мора да запре. Ќе се вклучат сите институции и инспекции, за ова да профункционира. Ред мора да се воведе и внатре, нема да дозволиме поставување на дополнителни тезги во редовите, надвор од тезгите. Реакциите на граѓаните ќе ги почитуваме“ - изјави Колев.
Градежните работи за изградба на покриен Градски пазар, најголема инвестиција на Општина Велс изминатите 30 години, започнаа на 4 април 2021 година, со најава дека ќе завршат до ноември истата година. Работите се оддолжија две години,за што двете фирми изведувачи беа казнети.
Tweet |