речник контакт

Велес имал 31 пристаниште во 19 век

По 12 илјади гемии годишно пловеле од Велес до Солун

Петар Печков

Велес може да се пофали дека своевремено имал повеќе од триесетина градилишта за гемии, или исто толку пристаништа. На  овие места во Вардар се граделе гемиите, превозните средства, чамците со кои велешките трговци ја носеле својата роба до Солун а од таму со бродови стигнувала до Европа.

Поради пловноста на реката, таа ги заменила карваните кои станале несигурни и небезбедни.   Гемијата  го заменила сплавот кој  не бил така функционален, па чамецот станал ново превозно средство.   Пристаништата биле и градилишта, бидејќи сплавовите и гемите имале билет за еден правец, само кон Солун.  Затоа таму каде што се граделе гемиите од таму и тргнувале по Вардар. 

На 31 место во Велес, на Вардар се граделе гемии, најголемиот е Врежот од левата страна, денес близу ресторанот на Пармакот. Имало и погоре, од реката. Просторот бил така правен, да не се лизга добитокот кога ја носи стоката до скелето, од каде се претоварала на сплавот. Покасно,ова дејност, правењето салови, е префрлена на островчето Јаниташ. Најдобри изработувачи на гемии или салови, била фамилијата Салџиеви, а во ова работа биле успешни и Солеви. На фотографиите се гледа дека долж Велес, имало многу вакви локации. Од 1835 се пловело со гемија по Вардар до Солун. Но таа  подоцна служела и за возење на помоќните велешани. На семејната фотографија   од Ванови  тоа најдобро се гледа  - вели Љупчо Данов, кој истражувајќи по достапните документи и фото архиви, дошол до значајни моменти од развојот на трговијата во  Велес.

Со гемијата се носело се за Солун, ќурчиите произведувале сахтијан,  фино преработена кожа од  коза или овца, која била барана низ Европа.  Неа  ја користеле дамите за јавање. Годишно во велешко се колеле 20 илјади кози и овци, поради што се развил и занаетот  цревари,  се извезувало жито, ориз, афион, тутун, катран.  Поради ова во Велес се изградиле големи складишта на жито кое преку целата година се транспортирало за Солун. Само во 1857 година била испорачана стока во висина од 105.000 тони и остварен профит од 170.000 турски лири.

Важно е да се знае дека гемијата не била сплав туку чамец  со носивост од 500-600 оки.  Дотогаш велешката трговија се одвивала со  запрежни возила, со карвани, со  коњи, магариња, мазги и  што е мошне интересно со камили. Тие биле скапи оти требало да се обезбеди  кираџии за превоз но и вооружена придружба, за да  може  стоката безбедно да стине до Солун. Патишта биле лоши – вели Данов.

Предноста на гемијата над карванот била што таа патувала три до пет дена по Вардар до Солун. Според неговите проценки и фотографиите со кој располага, гемијата имала два кормилари, еден назад со подолги весла кој управувал а тој од пред маневрирал  и бил со  пократки весла Како и сплавот и гемијата кога ќе стигнала во Солун се растурала, дрвјата се продавале. Така се остварувала двојна корист. За изградба и товарање на стоката во градот, на повеќе места имало градилишта и пристаништа за гемиите. Тие имале двојна функција,  оти гемијата истовремено тука се градела и од тука тргнувала на пат по реката.

Има  податоци дека  и до  12 илјади гемии годишно се пуштеле по Вардар. Дел од дрвната маса околу градот е уништена токму поради ова, дрвјата   се користеле како граѓа. Се  употребувала топола, бел бор. Имало случаи кога во рана  пролет и доцна есен се користеле факели за осветлување  и мангали  и ќумур за греење, оти денот се намалувал и застудувало, па овие средства ги имало во некои гемии – објаснува Данов.

Со пуштањето на железничката пруга Солун- Велес во 1873 година железницата станала побрз и поефикасен начин за транспорт на стоките и сплаварењето  полека замирало.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »