Петар Печков
Објавено: вторник, 10 ноември 2020
Скопје, Битола, Велес и Куманово се четирите најопасни градови во Македонија, каде според долгогодишните полициски анализи се случиле низа сообраќајни несреќи во кои имало најмногу загинати, повредени и била предизвикана огромна материјална штета.
Причините за големиот број на сообраќајни несреќи во овие четири градови се многу. Но, доколку се анализираат податоците и статистиките ќе се утврди дека човечкиот фактор е причина „број еден“ за црните статистики.
Најголем број на сообраќајни незгоди со загинати или повредени лица, како и сообраќајки во кои имало потешки последици по учесниците во истите, се случени на територијата на град Скопје, на второто место е Битола, а на трето е Велес – велат од сообраќајната полиција.
Изминатиот месец сообраќајната полиција имаше зголемен ангажман за сообраќајна контрола. Најголем број од казнетите се за управување на возило без возачка дозвола, технички неисправно возило и за возење под дејство на алкохол.
Надвор од градските средини „најопасно“ е на автопатот Велес- Скопје, Тетово- Гостивар, Тетово- Скопје и на регионалните патишта Кичево- Охрид и Битола- Прилеп, додека најмногу несреќи се забележани и на магистралните патишта Гостивар- Кичево и Струмица -Радовиш – велат од полицијата.
Упатените објаснуваат дека освен човечкиот фактор, причина за големиот бројна сообраќајки е и алкохолот, користењето на телефони додека се управува возило, заморот, непочитување на сообраќајните прописи, но и несоодветната обученост на младите возачи.
Околу 40.000 незгоди се со потешки последици, а останатите 62% се со материјална штета. На пример петок е ден во неделата со најголем број на сообраќајни незгоди.
Според временската рамка во изминативе 10 години, низ улиците во населените места најголем број од сообраќајките се случиле во попладневните часови во период од 14 до 16 часот, а најмалку во раните утрински часови. На патиштата надвор од населените места најкритично е од 16 до 18 часот.
Tweet |